Имамоглу собра над 25 милиони потписи за претседателска кандидатура, тврди опозицискиот лидер Јозел

Над 25 милиони потписи се собрани во поддршка на кандидатурата за претседател на Турција на Екрем Имамоглу, според изјавата на лидерот на главната опозициска Народната републиканска партија (НРП), Озгур Јозел.
Иако Имамоглу, поранешен градоначалник на Истанбулската метрополитeнска општина, во моментов се наоѓа во затвор во Силиври, бројот на собрани потписи достигнал 25,1 милион, изјави Јозел за телевизискиот канал „Јол ТВ“.
Како симболичен чин на поддршка, денеска во Кајсери, деветтиот по големина град во Централна Турција, пристигна камион натоварен со 25,1 милион гласачки ливчиња во поддршка на Имамоглу.
Кајсери е домаќин на седумдесет и петтиот по ред митинг од серијата протести што опозицијата ги започна на 23 март оваа година под насловот „Ја поддржуваме волјата на нацијата“. Целта на митинзите е да се издејствува ослободување од затвор на Имамоглу и на сите притворени опозициски градоначалници, јави весникот „Џумхуриет“.
Пред одржувањето на митингот, по наредба на локалните власти, биле отстранети знамињата, плакатите и другите атрибути на опозициската НРП, потврди претседателот на обласната организација Умит Озер.
– Заедно завршивме голема борба и достигнавме дваесет и пет милиони и сто илјади потписи. Овие потписи се најголемиот изгласан чин на недоверба што некогаш бил упатен кон владетел, кон претседател, во светската политичка историја. Овие потписи се најсилниот израз на демократската реакција на народот, изјави Јозел пред насобраниот народ на плоштадот, пренесе „Џумхуриет“.
Во својот говор, опозицискиот лидер објави дека еден од тајните сведоци во судскиот случај за корупција против Екрем Имамоглу – Ахмет Ташчи – доброволно го повлекол претходно дадениот исказ против Имамоглу и другите градоначалници, нагласувајќи дека „ова се методите на правдата на (владејачката) Партија на правдата и развојот (ПСР)“.
Јозел, како и на претходните митинзи, го повика турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган да распише предвремени претседателски избори во согласност со волјата на народот.
– Зборувам од Кајсери. Ние сме тука, нашиот кандидат е тука, гласачката кутија е тука. Те предизвикувам, Ердоган, те предизвикувам. Те предизвикуваме од Кајсери. Ние ќе управуваме со оваа земја подобро. Ќе ги натераме сите во оваа земја да се насмевнат, порача Јозел.
МИА
Ново на Сител
-

Трамп: Гренланд ни треба за националната безбедност, НАТО да преземе водечка улога во тој процес
-

Четириесет нови инспектори ќе бидат вклучени на терен за да се контролира кој не ги почитува законите
-

Дурмиши: Засега нема причина за мерки за цените на храната, ако има енормно зголемување, ќе реагираме
-

84-годишник со закана изнудил 5000 евра од негова роднина, па прекинал комуникации со неа
-

76-годишен тетовец починал откако избил пожар во неговиот стан
-

Димитриеска-Кочоска: Не се размислува за укинување на „Мој ДДВ“, исплата на солидарниот данок од март
-

Прв смртен случај со грип оваа сезона – почина 75 годишна жена на Инфективна
-

На демонстрантите во Иран ќе им се суди како на непријатели на Бог
