Македонија
29. January 2022 - 16:39

Инфективното одделение во Штип е полно, четири починати пациенти и во изминатото деноноќие

Втор пат за неполни 5 дена, 4 починати пациенти на инфективното одделение во едно деноноќие. Двајца се од Кочани и по еден од Штип и Пробиштип, на возраст од 69 до 82 години. Омикрон го зголеми притисокот врз клиничка болница, поради што од вчера повторно е отворено кожното одделение за прием на ковид пациенти со полесна клиничка слика.

-Повеќе од 10-тина дена имаме сериозна бројка на пациенти кои се јавуваат во амбулантата на инфективниот оддел. Овие денови имаме и над 100 пациенти дневно кои што имаат потреба од преглед, а со тоа расте и бројката на хоспитализирани пациенти- изјави Ален Георгијев, директор на Клиничка болница Штип.

Во моментот на инфективно се хоспитализрани 49 пациенти, а на 31 од нив им е потребна повремена кислородна поддршка. Доколку продолжи напливот на пациенти, во план е да се реактивира модуларната болница каде има 45 легла, но ќе имаат проблем со обезбедување на лекарски и помошен медицински и технички персонал, зашто омикрон прати во изолација 20 здравствени работници.

-Тоа ни прави сериозни пречки да најдеме, не само кадар кој што ќе работи, туку и за функционирање на останатите оддели во склоп на Клиничка болница-Штип, додаде Георгијев.

Помеѓу пациентите на кои им е потребна болничка нега доминира постарата популација, а повеќе од 80% се неимунизирани.