Институциите го зајакнуваат системот за интегритет, практичната примена останува предизвик
Институциите од државната управа и општините ги подобруваат механизмите за спречување на корупцијата. Ова го покажува извештајот на антикорупциската комисија за 2025 година кој го анализирал спроведувањето на Системот за интегритет во јавниот сектор. Тој треба да е гаранција дека институциите и државните органи ќе работат законски, чесно и професионално со цел намалување на ризикот од корупција.
Според ДКСК, иако се забележани позитивни поместувања, се препорачува, освен на хартија, правилата да се применуваат и во пракса.
„Во таа насока, ДКСК препорачува поголем фокус на практичната примена на актите за судир на интереси, воспоставување евиденција на изземања, јасни правила за подароци и гостопримства, унапредување на контролите во јавните набавки, редовна проценка на ризиците од корупција“, се вели во извештајот на ДКСК.
Според извештајот, обврските од системот за интегритет во институциите, највисока усогласеност има кај Државниот завод за ревизија, а на дното е Агенцијата за квалитет во образованието. Кај општините, најголем дел прикажале просечна усогласеност, а на самиот врз според прифатени правила е Охрид.
„Со оглед на тоа што судирот на интереси претставува една од клучните влезни точки за појава на коруптивно однесување, воспоставувањето и активната примена на механизмите за негово управување, треба да претставува приоритет на локалната самоуправа“, се вели во извештајот.
Инаку, системот за интегритет е збир на правила и процедури што се воведуваат во институциите за да се обезбеди законско, чесно и транспарентно работење, а нивната примена треба да спречи злоупотреби, корупција и судир на интереси.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
