Македонија
10. November 2022 - 12:18

Ископи на археолошкиот локалитет во Градиште

Продолжија ископувањата на археолошкиот локалитет „Градиште“, кај светиниколското село Кнежје, каде во рано античкиот период бил распослан најголемиот пајонски град Билазора. Најдоминантен дел е владетелската палата, храмот и помошните објекти. Во градежните остатоци, според нивната масовност и мајсторска обработка се препознава моќта и статусот на градот, односно богатството и авторитетот на нивните нарачатели. Но, токму овде архелозите се соочија со голем проблем. 

-За жал палатата не е целосно истражена, со 20% влегува во приватен посед, кој еве веќе седма година не е решен, а се работи за простор од 10 на 20 метри, кој ни ги сокрива остатоците на скоро цело лево крило на палатата. Тие не се откриени, не се ископани, зашто чекаме да се реши тој проблем, со земјата која „пет пари“ не вреди и е 6-та категорија, изјави Драги Митревски, раководител со истражувањето на „Билароза“.

Истражувачите сепак се оптимисти дека, важноста на археолошкиот локалитет ќе биде препознаена, ќе се изнајде решение и со истражување ќе се продолжи и догодина.

Сакаме да ја дефинираме целата палата, да се конзервира и да биде презентирана, изјави Митко Штерјов, директор на Завод Музеј - Штип.

Археолошките ископувања и конзервација се само првата фаза, по која ќе следува уредување на локалитетот во атрактивна туристичка атракција. 

Тоа е втора престолнина на Балканот, локалитет кој би можел да има огромно значење, не само за културата, туку и за културниот менаџмент и економијата, особено за општина Свети Николе, изјави Ратко Дуев, Декан на Филозофски Факултет - УКИМ.

Нормално, тоа ќе значи интерес и ќар и на општината и на Народниот музеј и на самата карта на Свети Николе да биде туристичко место, изјави Дејан Владев, градоначалник на Свети Николе.

Во изминатите 20-тина денови  откриена е некрополата и ископани се 12 гробови од типот „циста“.