Македонија
15. July 2026 - 16:34

Истече грејс периодот од Брисел, нема измени на Изборниот законик

Истече рокот што Брисел ни го зададе за да се донесат нови изборни правила и да се обезбедат дополнителни 4,2 милиони евра од Планот за раст. Власта и опозицијата не успеаја да најдат заедничко прифатливо решение, главно околу гласањето на дијаспората по електронски пат или по пошта. Изборниот законик, според владејачкото мнозинство, ќе мора да почека подобри времиња. Сепак, од таму велат дека опозицијата, која примени филибастеринг во Собранието, ќе треба да сноси одговорност за тоа што државата не ги добила дополнителните европски средства.

Премиерот Мицкоски вели дека има работа со несериозни опозициски политичари, кои не ги послушале ниту пораките на еврокомесарката Марта Кос дека Изборниот законик треба да биде донесен.

„Поминаа денови, а тие се натегаа кој кого ќе викне и каде ќе се одржи тој состанок меѓу опозицијата. Јас денеска ги повикувам на зрелост и одговорност претседателите на ДУИ, СДСМ, Левица, крилата на Зијадин Села и Арбен Таравари, да седнат заедно како опозициски партии, да се договорат и нека донесат закон во кој е вклучено гласањето на дијаспората. Кога ќе го донесат, ние ќе го прифатиме – без воопшто да полемизираме на таа тема. Покоректно јас не знам што можеме ние како Влада да направиме... Впрочем, сите можеа да ја слушнат комесарката Марта Кос како таа тоа го кажа. Еве, мене не мора да ме слушаат, неважен сум јас во случајов, нека ја слушаат комесарката Кос. Таа кажа дека тоа е дел од реформите што се битни за евроинтеграцијата. Знаете, чудни се некои политичари во опозицијата. Кога станува збор за нивен интерес, односно, да бидам попрецизен, за нивниот џеб, тогаш полна им е устата со Европа, Европа и само Европа. Кога, пак, треба да зборуваме за одговорност и носење потези, а тие се во опозиција, тогаш прават сѐ само за ние да не стигнеме таму каде што треба да стигнеме.“

Левица и СДСМ, пак, со меѓусебни критики за тоа кој, всушност, одиграл по волјата на Мицкоски да не се донесе Изборниот законик. Од Левица, која се обиде да иницира средба за да се испеглаат разликите меѓу опозициските партии околу изборните правила, велат дека СДСМ има договор со ВМРО-ДПМНЕ да не се менува Изборниот законик, бидејќи тоа повеќе им одговара.

„Секој обид Изборниот законик реално да се допре во суштината, наидува на идентична одбрана – различна по реторика, идентична по исход. ДПМНЕ игра една улога, СДСМ друга, но резултатот е секогаш ист. Опозициско обединување за една изборна единица би можело конечно да го скрши тој циклус, да наметне заедничка сила пред авторитарната власт на ДПМНЕ. Но, СДСМ, гледајќи поголем ризик во непочитувањето на договорот со Мицкоски отколку во непочитувањето на ставот на нивното членство и нивните принципи, одлучи идејата да згасне уште во зародиш“, коментираат од партијата на Апасиев.

Од СДСМ, пак, возвраќаат:

-„Наместо да биде дел од опозицијата, Левица продолжува да ја штити власта на Христијан Мицкоски со напади врз СДСМ и со спречување на секој обид за опозициско обединување. Левица не е опозиција.

Левица е создадена и финансирана за да ја разбие опозицијата, да ја напаѓа СДСМ и да му обезбеди на Мицкоски дополнителен глас во Собранието кога му е потребен. Кога ВМРО-ОКГ нема одговори за реформите и за европскиот пат, Левица излегува со лажни обвинувања за да го одбрани режимот. Левица не е опозиција. Таа е продолжена рака на Мицкоски.“

Албанската опозиција, пак, остана на своите ставови – дел е за повеќе изборни единици, а дел за начинот на гласање на дијаспората.

Проблемите со Изборниот законик почнаа уште во работната група во Министерството за правда, која ги усогласуваше измените. СДСМ ја напушти работната група, а откако решенијата влегоа во собраниска процедура, ги блокираше со околу 10 илјади амандмани.