Македонија
17. July 2026 - 16:32

Истекува мандатот на Абази, оглас за избор во август

Јавните обвинители, на непосредни избори ќе бираат шеф за обвинителството кое гони организиран криминал и корупција. Советот на јавни обвинители на денешната седница донесе одлука дека огласот за избор на основен јавен обвинител ќе го објави на 10 август, а целиот процес да заврши до 8 ноември кога истекува мандатот на Ислам Абази.

„Исто така, ќе се објави и датум кога ќе треба сите Јавни обвинители да гласаат за кандидат на Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Бидејќи, тоа е јасно дека тој кандидат се гласа од сите јавни обвинители“, изјави Башким Бесими, Претседател на Совет на јавни обвинители. 

На изборот, право да гласаат ќе имаат вкупно 194 јавни обвинители од целата држава. Гласачки места ќе бидат обвинителствата во кои работат, а победник ќе биде обвинителот кој ќе освои најголем број од гласовите.

Право да конкурираат имаат обвинители кои ги исполнуваат општите услови, но и посебните утврдени со Законот за јавно обвинителество.

„За основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, може да биде избрано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку шест години како јавен обвинител до моментот на пријавување за именување и кој е оценет со позитивна оценка во последните три години“, предвидел законот за јавно обвинителсвто.

Во моментов на чело на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција стои Ислам Абази. Според условите во законот, и тој има право да конкурира на огласот. Неговиот избор пред четири години го привлече вниманието на јавноста откако се појавија фотографии на кои Абази е сликан во високи функционери на ДУИ, додека американската амбасада, резултатите од гласањето ги нарече збунувачки.