Истрагата за бегството на Ива Михаилова ќе биде презентирана пред НАТО
Македонија пред НАТО ќе ја презентира истрагата за бегството на Ива Михаилова. Истражните органи сѐ уште утврдуваат како таа ја мина македонско-бугарската граница и евентуалното учество на бугарските служби во операцијата.
Според информации на Сител, македонското МНР во моментов работи на информирање на релевантните меѓународни институции како Европската Унија, Советот на Европа и други за дипломатскиот скандал.
„Нивната министерка за надворешни работи кажа дека бугарското МНР не учествувало во операцијата…“
- А вие очекувавте Вие, да ви кажат дека они учествувале?
„Дали имате некакви индиции за такво нешто?“
- Ние имаме истрага, дозволете да ја завршиме истрагата. А потоа, дел од тие докази прво ќе ги презентираме пред нашите партнери во НАТО за да покажеме како партнерски земји во НАТО се однесуваат. Овој упад којшто е направен и буквално е киднапирано лице коешто е сега е бегалец од правдата нема вака да заврши. Вака едноставно нема да заврши, вели Мицкоски.
Премиерот повтори дека Ива Михаилова и нејзиниот татко, кој исто така е бегалец и правосилно осуден во случајот „Детонатор“ кога-тогаш ќе одговараат. Сепак вели дека случајот нема да влијае Скопје да се откаже од разговорите со Софија кои почнаа по посетата и советот од претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.
- Нема да дозволиме да бидеме жртви на емотивни реакции. Ние ќе продолжиме со она што е наш интерес, а тоа е процесот на евроинтеграции. Нема да ги напуштиме преговорите. Напротив, ќе ги засилиме нашите иницијативи за средби и за дијалог и барање решение, рече Мицкоски.
Опозицијата продолжува со обвинувањата кон власта. Од СДСМ велат, границата е решето - а Мицкоски и министерот за внатрешни, Тошковски меѓусебно се штитат.
- Границата е „швајцарско сирење“ по признание на Тошковски ама тој како министер што раководи со полицијата и е надлежен за границата е заштитен. Христијан Мицкоски му обезбедува заштита на швајцарецот Тошковски. И обратно. Тошковски му обезбедува заштита на Мицкоски и на организираната криминална група. Полицијата наместо да му служи на народот, и служи на бандата. „Кога-тогаш“ вели Мицкоски, значи одговорност нема од никој, велат од СДСМ.
Ива Михаилова во неделата избега од Македонија во Бугарија без да го дочека исходот од судскиот процес во која таа е обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици, во која загина 33-годишен Бесим Дурмиши од Љуботен. Сѐ уште е нејасно дали таа границата ја поминала нелегално на легален граничен премин или некаде на зелениот појас од границата со Бугарија.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
