Истражување: Некои бактерии можат да преживеат меѓупланетарни патувања

Студија на Универзитетот Џонс Хопкинс во САД покажува дека одредени бактерии можат да се движат и да преживеат екстремни услови при патување од една планета до друга, откако ќе бидат исфрлени во Вселената по силни удари на астероиди со Месечината и планетите.
Резултатите од истражувањето, објавени во британското научно списание Панс нексус („Pnas Nexus“), укажуваат дека микроорганизмите можат да издржат значително потешки услови отколку што претходно се претпоставувало. Ова откритие отвора нови прашања за потеклото на животот на Земјата, кој можеби настанал од некое блиско небесно тело.
Истражувачкиот тим, предводен од професорот Калијат Рамеш, во експериментите ја користел бактеријата Деинококус радиодуранс (Deinococcus radiodurans), позната по својата извонредна отпорност и способност да преживее во крајно неповолни услови, вклучувајќи екстремно ниски температури и високи нивоа на радијација, како и по својата способност за саморегенерација.
Според Рамеш, сè уште не се знае дали постои живот на Марс, но ако постои, тој веројатно би имал слични способности.
За да се репродуцира огромниот притисок што се создава при удар на астероид, како и процесот на исфрлање на материјал од површината на планета, научниците го поставиле микроорганизмот меѓу две метални плочи, по што кон нив испукале проектил од гасен пиштол. На овој начин бил создаден притисок од околу три гигапаскали.
Резултатите покажале дека бактериите се значително поотпорни отколку што се очекувало. При притисок од 1,4 гигапаскали, сите примероци преживеале, додека при притисок од 2,4 гигапаскали, околу 60 проценти од бактериите останале одржливи, и покрај забележаните оштетувања на клеточната мембрана и внатрешната структура.
-Ова укажува дека животот потенцијално може да се пренесува меѓу планетите. Можно е и ние да имаме потекло од Марс, додава авторка на научниот труд, Лили Џао.
МИА
Ново на Сител
-

Украинската војска тврди дека Русија ја засилила офанзивата, но не успева да ги изврши задачите
-

38-годишник од Василево физички нападнал полицаец и тешко го повредил
-

Вработена во банка во Тетово присвоила 39.000 евра кои требало да ги стави на сметка на корисник
-

Фудбалски тренер од Куманово нападнат од малолетник од неговиот клуб и неговиот татко
-

Научниците предупредуваат: Сателитски податоци открија сериозен проблем - целата планета е загрозена
-

Мицкоски најави реконструкција на Владата во мај или јуни
-

Просечната нето-плата во јануари 46 617 денари
-

Секое петто боледување во МВР е неуредно или неправилно
