Македонија
30. July 2022 - 16:33

Изборот на Филипче, повторно избор за новиот Kлинички центар

Веле Поле повторно во игра за нов клинички центар. Скор анализата што ја правело Министерството за здравство покажала дека локацијата на претходниот министер ги задоволувала потребите за клиничкиот комплекс. Како што брифираат од МЗ, најмногу поени има касарната Илинден која отпаѓа поради развојот што бил предвиден на ова место. Втор на листата е Веле Поле кое пред неколку месеци не беше во изборот на здравствените власти а против ова решение се изјасни и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Сали за разлика од Филипче планира на едно место да биде и клиничката зграда, факултети и институти а паралелно со изградбата во Скопје да има градење и реновирање на болниците во Штип, Битола, Куманово, Тетово. За пари засега никој не зборува а првиот човек на здравствениот систем не отстапува од ставот дека нов клинички е негов приоритет број еден.

- Тоа е комплексен проект која бара повеќе работи меѓу кои и финасиската рамка. Знаете, 70 посто е подготовка а 30 проценти е реазлизација на проектот, вели Беким Сали мниистер за здравство(29.07.2022)

 Министерот Сали за разлика од неговиот претходник формираше и политичка комисија за заеднички да најдат решение. Имале досега само еден состанок и во овој момент претставниците од опозицијата не биле запознаени дека Веле Поле повторно е во игра. ВМРО-ДПМНЕ како предлог ја посочи ГОБ 8-ми септември, која, пак, сега е на листата за доградување на капацитетите но не и за нов клинички комплекс.

Кога ќе бидат удрени темелите никој не може да каже ниту да претпостави. Во ребалансот на буџетот нема пари за овој комплекс. Но она што е познато е дека 13 години секој министер за здравство како ќе дојде на функцијата како приоритет го наведува градењето на клиничкиот комплекс. Прават анализи, проекти, бараат локации и трошат пари за експертизи ама објект нема.