Македонија
24. јуни 2025 - 12:22

Извештајот на Вајц со „Македонски јазик и идентитет“ усвоен во Комитетот за надворешни работи на ЕП

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент го усвои Извештајот за Македонија за 2023 и 2024 година подготвен од австрискиот европратеник и известувач за земјава Томас Вајц. И покрај жестоката дебата и бугарските противења гласањето помина со 40 гласа за, 19 против и 10 воздржани.

По усвојувањето на документот, известувачот Вајц вели дека е задоволен  бидејќи е изгласан со широко политичко мнозинство.

– Денеска го усвоивме првиот извештај за земјата на Северна Македонија од 2022 година во Комитетот за надворешни работи. Горд сум на целата напорна работа што беше вложена во наоѓањето компромиси за да можеме да го донесеме овој добро избалансиран извештај со широко политичко мнозинство. ЕУ мора да остане обединета со своите соседи во предизвикувачкиот геополитички пејзаж со кој се соочуваме. Северна Македонија припаѓа во ЕУ. По 20 години преговори, мора да го одржиме моменталниот добар моментум за понатамошно унапредување на процесот на проширување – вели Вајц во изјавата што до медиумите ја достави прес-службата на Европскиот парламент.

Европратеникот Галер од ЦДУ/ЦСУ предложи амандман пред одредницата македонски јазик да стои „модерен“ македонски јазик, во корист на Бугарите. Но не доби поддршка, бидејќи шестмина европратеници го блокираа. Сепак Галер најави дека овој амандман со кој бара пред македонски јазик да стои одредницата „модерен“ ќе биде предложен и на пленарката каде што конечно треба да биде усвоен извештајот.

По гласањето, бугарски европратеник Ивајло В’лчев најави дека како додаток на Извештајот ќе предложи додавање на „мислење на малцинството“.

На 4 јуни гласањето за извештајот беше одложено по барање на Вајц, поради притисоците од бугарските европратеници, кои не се согласуваа со тоа што во дoкументот децидно се наведуваат македонскиот јазик и идентитет. Вајц призна дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот.

Сега останува Извештајот да биде одобрен на пленарно заседание на Европскиот парламент, закажано за периодот д 7 до 10 јули во Стразбур.