Македонија
10. November 2026 - 13:34

Јамболии, пелени и влажни марамчиња секојдневно ја затнуваат скопската канализација

Влажни марамчиња, пелени, хигиенски влошки, па дури и јамболии се дел од отпадот што секојдневно го отстрануваат екипите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје од канализациската мрежа во главниот град.

Од јавното претпријатие предупредуваат дека несовесното фрлање отпад во канализацијата предизвикува затнување на цевките и шахтите, го отежнува протокот на отпадните води и го нарушува нормалното функционирање на канализацискиот систем.

„Канализацијата не е корпа за отпадоци“, порачуваат од претпријатието, посочувајќи дека нивните екипи секојдневно интервенираат на терен за отстранување на несоодветно одложениот отпад.

Од „Водовод и канализација“ апелираат до граѓаните да не фрлаат влажни марамчиња, пелени, хигиенски производи и друг отпад во канализациските шахти, туку да ги одлагаат во соодветни корпи за отпадоци.

Од претпријатието потсетуваат дека зачувувањето на канализациската мрежа е заедничка одговорност и дека со правилно одлагање на отпадот можат да се спречат затнувања и дефекти, како и да се обезбеди непречено функционирање на системот.

 

Ново на Сител