Македонија
9. September 2025 - 16:37

ЈО со обвинение против Хајрулахи и Цветановски

Штипското обвинителство поднесе обвинение против поранешниот шеф на вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи и обвинителот Јован Цветановски.

Хајрулахи се товари дека вршел малтретирање во службата врз вработените во обвинителството

„Користејќи ја неговата службена хиерархиска надреденост, во повеќе наврати грубо им се заканувал дека има моќ и може веднаш да ги избрка од работа, дека „ќе ги дигнел на клоци“, „ќе ги фрлел од 6-ти кат“, „ќе ги ставел во притвор и под посебни истражни мерки“. Дел ги навредувал дека „му го грделе обвинителството“ и им забранувал да комуницираат меѓу себе и со други вработени.“ – се вели во соопштението на Обвинителството во кое се додава дека побарале на Хајрулахи да му биде одземен пасошот.

Хајрулахи заедно со Цветановски е обвинет и за злоупотреба на положбата. Обвинителството го товари дека задржувал документација и барал таа да биде заведена под различен датум од приемниот. Според обвинението тој барал од службениците предметите без многу галама да бидат доделувани на обвинителот Цветановски.

Хајрулахи во изјава за Сител денеска вели дека обвинението е поднесено уште во Август, а веста за него се објавува денеска бидејќи во Обвинителството владее хаос по информациите дека се прават напори да се заташка предметот Рекет 2.

Одговори за Рекет 2 денеска побара и владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Војната меѓу Хајрулахи и државниот обвинител Коцевски трае речи си година дена откако минатата есен тогашниот шеф на вишото обвинителство беше разрешен од функцијата. Тогаш тој го обвини Коцевски дека му врши притисоци во постапувањето со предметите за бонусите во СЈО во кои наводно државниот обвинител од него барал овој предмет да биде затворен а ВМРО-ДПМНЕ да не добие статус на оштетена страна.