Македонија
11. July 2025 - 16:40

Камен-темелник на нова фабрика на „Чагатај Кабло“, ќе се отворат 200 нови работни места

Камен-темелник за изградба на нова фабрика на турската компанија „Чагатај Кабло“. Во неа ќе можат да се вработат до 200 лица. Инвестицијата е вредна околу шест милиони евра. Објектот ќе се протега на површина од 10 илјади метри квадратни. 

„Ќе се воведат нови технологии, ќе се прошири капацитетот и ќе се создаде идна вредност што ќе остане овде- во нашата татковина. Ова е само еден од многуте примери како се создава економски раст. Не со теории, туку со конкретни објекти. Не со пароли, туку со нови работни места. Не со зборови, туку со нова хала што се гради. Се бориме за секое ново вработување. Се бориме за секој денар повеќе во домашната економија“ – изјави Христијан Мицкоски, премиер.

Во фабриката ќе се произведуваат жици и кабли за автомобилската индустрија наменети за европскиот пазар.

„Освен што ќе се отворат нови работни места, објектот ќе донесе и нови технологии, нови знаења, нови искуства и нови поголеми можности за професионален развој. Оваа инвестиција неминовно ќе влијае на економскиот раст и развој на целата држава. Оваа инвестиција ќе ја зајакне конкурентноста на целиот индустриски сектор со што директно се потврдува дека политиките што ги спроведуваме даваат реални и одржливи резултати на долг рок“ – изјави Гоце Димовски, директор на ТИРЗ.

Првата фабрика на „Чагатај Кабло“ во Македонија почна со производство во 2018-та.

„Со оваа нова инвестиција планираме вкупната затворена површина на фабриката да достигне 17 илјади метри квадратни, а бројот на вработени да се зголеми на 500“ - изјави Ахмет Короглу, претседател на Управниот одбор на „Чагатај Кабло“.

Новиот погон треба да биде готов за една година.