Катедралата на Кале кај Крупиште целосно откриена
Црквата на археолошкиот локалитет Кале кај селото Крупиште ќе биде следниот предизвик за конзерваторите, откако археолозите ја завршија најновата истражувачка кампања. Со ископувањата е целосно дефинирана архитектурата на катедралната базилика, во која пред години беше откриено парче камен со глаголски натпис, единствен ваков наод во Македонија. Истражувачите очекуваат следната фаза да биде нејзина заштита и презентација.
„Ја дефиниравме целата концепција, односно целата црква, се истражи мартириумот и така го дефиниравме целиот тој простор и се надевам дека и понатаму ќе можеме и таа црква да се конзервира, бидејќи мислам дека е единствената црква во Македонија, катедрала каде што е откриена глаголицата, значи парче камен со глаголицата“, изјави Митко Штерјов, археолог
Покрај археолошките наоди, локалитетот има и голема историска вредност. Средновековните записи сведочат дека Крупиште било важен духовен и политички центар, а историските извори го поврзуваат со значајни настани од периодот непосредно пред османлиското освојување.
„Таму стои и митот дека од Светите Петнаесет маченици се донесени моштите во оваа црква. Имаме пишан податок дека цар Душан одржал два состанока во Крупиште во периодот од 1355 година, кога доаѓаат Османлиите. Така да, не случајно тој ги одржал двата собири во Крупиште. Значи, тој податок стои запишан во грамотите на цар Душан, додаде Штерјов.
Значајни археолошки откритија годинава се регистрирани и на локалитетот Баргала. Археолозите открија доцноантичка некропола со повеќе гробници, во кои се пронајдени посмртни останки од осум лица, меѓу нив и едно дете.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
