Казни од 500 до 1.500 евра за младите во Хрватска доколку не се јават на преглед за воен рок

Хрватското Министерство за одбрана досега поднело 57 предлози за поведување прекршочна постапка против млади мажи кои без оправдана причина не се јавиле на лекарски преглед за основна воена обука, за што предвидените парични казни за повторен прекршок достигнуваат и до 6.630 евра, објави телевизијата „РТЛ Данас“.
Покани за преглед досега добиле околу 16.000 млади мажи, а 19 прекршочни постапки веќе се завршени. Според објавените податоци, за првичен прекршок со закон е предвидена парична казна од 500 до 1.500 евра, но судовите при нејзиното одредување ги земаат предвид сите околности на секој поединечен случај.
Досега изречените казни се движеле од 120 до 500 евра, а највисоката досега изречена казна му била пресудена на млад човек пред Општинскиот суд во Вировитица. Во одделни случаи казните биле и пониски од законски предвидениот минимум.
„Станува збор за млади луѓе, средношколци без приходи, а очигледно судовите при одредувањето на казната водат сметка и за тоа дали некој претходно бил осудуван“, објасни адвокатот Марио Медак.
Постапки се воделе во Загреб, Чаковец и Вировитица, додека во Златар се отворени две постапки што сè уште не се завршени. Дел од општинските судови немале вакви предмети. Во Загреб и Вараждин се донесени и три ослободителни пресуди, бидејќи младите мажи докажале дека поканите за лекарски преглед не им биле лично врачени, објави порталот „Средња.хр“.
Последиците може да бидат значително посериозни доколку прекршокот се повтори, за што се предвидени казни од 1.500 до 6.630 евра. Доколку казнетото лице не ја плати паричната казна, таа може да се наплати присилно, а адвокатот Медак предупредува дека во одредени околности неплатената казна може да биде заменета и со затворска казна.
Обврската за јавување на здравствен преглед важи и за оние што имаат намера да побараат одложување на основната воена обука, што значи дека самото планирање на одложувањето не ги ослободува од обврската да се појават пред комисијата. Отсуството може да се оправда со болест или со друга оправдана причина, но за тоа треба да се извести надлежниот подрачен оддел за одбранбени работи најдоцна три дена од приемот на поканата.
Правилникот на Министерството за одбрана на Хрватска предвидува дека регрутот, по правило, нема повторно да биде повикуван на здравствен преглед пред започнувањето на основната воена обука, освен ако не дојде до промена на неговата здравствена состојба, за што воениот обврзник е должен сам да го извести надлежниот оддел.
МИА
Ново на Сител
-

Обвинителството бара притвор за Ива Михаилова
-

Бензините и дизелот остануваат со исти цени, поскапува само мазутот
-

ДЗС: Чекор напред - со меѓународната соработка кон посилни институции и побезбедна иднина и при заштита и спасување при катастрофи
-

До петок постудено со повремен дожд, а на планините снег
-

Револуционерно откритие од Јапонија: Создадена пластика која се раствора во морска вода за само неколку часа
-

Груби денеска излегува од куќен притвор
-

„Мета“ со нови ВИ-модели како соперници на „Опен-АИ“ и „Антропик“
-

Верстапен се искачи на второто место во историјата на Формула 1 по најмногу победи со еден тим
