Ќе се менува законот за трансплантација за да се спасуваат повеќе животи
За два месеци шест семејства одбиле да бидат донирани органите на нивните блиски после смртта. Иако координаторите за трансплантација им укажале дека со овој хуман чин можат да помогнат на многу пациенти кои чекаат бубрег, срце, црн дроб… тие не ја промениле одлуката.
- Жално е кога се подготвувате неколку денови да трансплантирате, сите тимови се подготвени, а на крај семејството нема да даде согласност. Апелираме секој да си размисли за себе, да разговара со своето семејство, да го искаже својот став во однос на органодарителство после смртта. Нема ништо поблагодарно и поблагородно од тоа да се спаси човечки живот во момент кога едне човечки живот згаснува, проф. д-р Билјана Кузмановска, Национален координатор за трансплантација
За да се зголеми бројот на трансплантации на органи од починат донор, а со тоа да се спасуваат што повеќе пациенти, здравствените власти планираат измени на законот за трансплантација. Наместо како досега само со претпоставена согласност, а последниот збор да го има семејството, во иднина ќе има регистар и секој граѓанин треба сам да се изјасни кај матичниот доктор дали по смртта сака да му бидат донирани органите.
- Мислам дека законот до крајот на април ќе биде во собраниска процедура и дека ќе биде изгласан и дека со тоа ќе биде олеснет пристапот до донор, изјави Азир Алиу, министер за здравство
Ќе има измени и во трансплантацијата од жив донор. Органи ќе можат да донираат и први братучеди, наместо како досега само членови на потесното семејство до 3-то колено. На овој начин од Клиниката за нефрологија очекуваат да се намали бројот на пациенти кои одат на дијализа, а во моментот 100-тина се подготвени и чекаат бубрег.
- Многу поквалитетен живот имаат пациентите кои имаат трансплантиран бубрег отколку пациентите на хемодијализа, рече д-р Никола Ѓорѓиевски, директор ан Клиниката за нефрологија.
Во Македонија околу 1800 луѓе се зависни од дијализа, а со 14 проценти на трансплантирани пациенти државата е далеку од европскиот просек кој изнесува до 60 отсто.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
