Кој ќе биде министер за здравство по заминувањето на Таравари?
Актуелната министерка за образование Весна Јаневска, советникот на Премиерот за здравство Ристо Симеонов и актуелниот директор на ФЗО Сашо Клековски се меѓу имињата кои се спомнуваат за нов министер за здравство по излегувањето на Таравари од Владата. Во игра се и неколку актуелни и поранешни директори на Клиники, но се уште е неизвесно дали овој ресор ќе го земе ВМРО ДПМНЕ или ќе остане на коалицијата ВРЕДИ.
Од владејачката партија информираат дека досега не се разговарало за размена на министерства.
-Вечерва партијата ќе има редовна седница на Извршниот комитет на која што ќе се разговара и за ова прашање. Демантираме дека досега било разговарано за било каква размена на министерства или ресори, или за тоа кој ќе го превземе Министерството за здравство.
Тоа не е вистина, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Дали по примерот на Никола Тодоров и Весна Јаневска која пак е професорка на медицинскиот факултет, од образование ќе премине да раководи со здравство, таа не потврдува, ниту демантира.
-Владата има премиер, а веројатно има и преговарачки тим. Тоа е нивна работа, тие ќе кажат како ќе биде. Сосема е рано да се размислува за такво нешто, ќе кажат тие што се одговорни, кога ќе дојде тој момент, тогаш ќе разговараме, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Доколку пак здравство остане на ВРЕДИ според добро упатени политички извори првата опција била исто како Таравари и Беким Сали да се врати повторно на чело на министерството. Но оваа идеја паднала во вода бидејќи сега тој е пратеник и влезе како втор во двојката, но доколку замине од парламентот ќе ослабне ВРЕДИ, бидејќи наредниот на листата кој би станал пратеник е близок до Таравари кој најави дека ќе дејствува од опозиција.
Според информации од лекарските кругови во игра е и актуелниот директор на здравствен дом Скопје од Алтернатива кој е економист по професија, а се барало и некое звучно лекарско име од Клинички, но ова било малку потешко бидејќи најголемиот број од докторите се од Алијанса.
До петок ќе се знае и дали со заминувањето на Таравари ќе си одат и директорите на Клиниките кои припаднаа на неговата партија меѓу кои се Кардиологија, Неврологија и Урологија.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар