Македонија
18. September 2022 - 21:13

Колкави сметки за струја добија болниците?

Како болниците и клиниките ќе ја издржат најтешката зима што не чека со астрономски сметки за струја а буџети речиси исти?  Дури 240 000 евра или 15,5 милиони денари е последната сметка за електрична енергија во ГОБ 8 ми септември, за разлика од пред поскапувањето кога плаќале околу 10 милиони. Очекуваат да добијат дополнителни финансии, но незнаат дали ќе бидат доволни за да ги покријат сите трошоци и да функционираат нормално.

-Во постојани преговори сме со ФЗОМ, МЗ и Владата да добиеме плус пари за да ги поркиеме овие рапидно зголемени сметки за да може да функционираме нормално и без застој за пациентите, вели др. Христијан Костов директор на ГОБ 8-ми септември.

Додека чекаат информација колку дополнително пари ќе добијат од Владата, во болницата веќе имаат на сила мерки на штедење на електрична енергија се со цел да ги намалат сметките во зима. Нема да има варење на кафе и дополнително топлење со радијатори и други грејни тела.

-Нема осветлување на болницата без разлика дали тоа се реклами или други ознаки, сите дополнителни грејни тела веќе е издадена наредба да бидат исклучени, а климатизацијата, бидејќи дел од болницата е климатизиран, ќе биде наместена на 20 степени, неколку степени помалку од порано и очекуваме со тоа да има намалувањ ена потрошувачката, вели др. Костов.

Слични мерки на штедење на електрична енергија планираат и останатите болнички установи. И на детска клиника имаат за 30 проценти поголема сметка за струја по поскапувањето и затоа и таму ќе има забрана за користење на комјутери на дежурства освен кога е неопходно, нема да има дополнително греење ниту пак надворешно осветлување.

Задолжителните мерки за штедење на електрична енергија кои се веќе во сила не важат за болниците, но истите имаат препораки да ја намалат потрошувачката.