Комеморација за четирите загинати ученици во штипското средно медицинско училиште во „Пулс“
Со длабока тага и солзи во очите, учениците од средното медицинско училиште „Јане Сандански“ во Штип одржаа комеморација по повод една година од трагедијата во Кочани, во која животот го загубија нивните соученици, Филип Ивановски, Дамјан Танески, Драгана Минова и Стефанија Соколова.
Средношколци, родители и блиски на загинатите се потсетија на болната загуба што и по една година не избледува. Тишината беше исполнета со емоции, а спомените за нивните другари остануваат длабоко врежани во срцата на сите присутни.
-Момент кога заедно покажуваме дека тие никогаш нема да бидат заборавени, Даме, Филип, Драгана и Стефанија, истакна Маријана Николиќ, директорна на СОУ „Јане Сандански“ – Штип.
-Сега, ниту една солза не е радосница, секоја потсеќа на болката, на последниот здив, на загубен живот. Но, ангелите горе го живеат мирот, а ние од долу живеме од должност за нивен спокој, истакна ученичка во СОУ „Јане Сандански“ – Штип.
Во чест на трагично загинатите средношколци, по комеморативниот настан во дворот на училиштето беа засадени дрвја, симбол на трајното сеќавање и почит кон нивните животи. Општина Штип на 16 март, ќе постави камен темелник за изградба на спомен обележје кај малата фонтана на Градскиот плоштад „Слобода“.
Во рамките на спомен обележјето ќе има пет гулаби и еден ангел, а ќе бидат изгравирани и имињата на Филип Ивановски, Дамјан Таневски, Александар Ефремов, Филип Стевановски и Александар Коларов, кои загинаа во пожарот во „Пулс“. Од Општината велат дека Штип стои заедно со Кочани во овие тешки моменти, обединети во болката, но и во надежта.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
