Македонија
24. April 2023 - 16:29

Комората му забрани на „Тик Ток“ анестезиологот да работи во следните 7 години

Анестезиологот “Тиктокер” од Тетово најмалку 7 години не смее да врши здравствена дејност. Ваква одлука донесе Судот на честа при Лекарската комора. Докторот Ваљтон Дервиши кој снимаше и емитуваше пациенти и медицински кадар во живо на социјалната мрежа не поднел жалба на минатонеделното обвинение, а на денешното одлучување не присуствувал ниту неговиот адвокат.

-Лиценцата за работа на докторот привремено се одзема за период од 7 години, што согласно правните прописи е максимална казна што може да се изрече за етички прекршок во работењето. Судот на честа утврди дека докторот сторил повреда на Кодексот на медицинска деонтологија на ЛКРСМ, како и Меѓународниот кодекс на медицинска етика, соопштија од Лекарската комора.

Во саботата против 43 - годишниот лекар беше поднесено и обвинение за несовесно работење и неовластено снимање, дела за кои му се заканува и затвор до 8 години. Според министерот за здравство тој може и трајно да остане без лиценца за работа.

Во меѓувреме стручната комисија формирана од министерот за здравство се уште го подготвува извештајот од стручниот надзор случајот со родилката која го загуби бебето кратко по породувањето во битолската болница. Министерот вели дека законски имале рок до четврток, но се чекало на изјавата од гинекогот вклучена во третманот бидејќи била надвор од државата.

- Како што сум известен, едната докторката што била инволвирана била на пат, ја чекале неа да се изјасни за настанот. Мислам дека најдоцна до утре или задутре ќе имаме извештај од стручната комисија во врска со родилката и бебето кое, за жал, почина. Изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.

За овој случај пред две недели ДСЗИ констатираше пропусти кај гинекологот кој ја примил родилката, а на непрофесионалност и дрско однесување на лекари - гинеколози во битолската болница се пожали и самата пациентка преку објава на Фејсбук. Таа најави дека со сопругот ќе одат до крај се додека лекарите кои биле вклучени во процесот на породување не сносат одговорност.