Конфликтот во Иран не е „војна“, сообраќајот низ Ормуската Теснина речиси нормализиран, изјави Венс

Конфликтот во Иран не е „војна“, изјави американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кој исто така оцени дека пловидбата низ Ормуската Теснина „речиси“ е нормализирана.
Весникот „Волстрит џурнал“ оценува дека во мигови кога претседателот Доналд Трамп размислува едноставно и јасно да објави крај на конфликтот, потпретседателот Венс се обидува да ги минимизира борбените дејства.
„Јас не би го нарекол ова војна. Во моментов нема престрелки“, изјави тој пред новинарите во Белата куќа, иако САД во последните денови двапати нападнаа цели во Иран.
Во еден од тие напади, за кој Иран вети дека ќе возврати, загинаа четири лица на свадбена веселба.
„Иранските државни медиуми досега не известуваа особено веродостојно за она што се случуваше во овој конфликт, така што сум исклучително скептичен во врска со тоа“, рече Венс одговарајќи на прашање за нападот и додаде дека САД сепак спроведуваат „темелна истрага“.
Четириесет и двегодишниот републиканец одби да се обврзе на кој било датум за завршување на борбените дејства, иако на почетокот на конфликтот пред шест месеци Доналд Трамп споменуваше дека максималното времетраење би било неколку недели.
Американската Влада во последните денови го истакнува значителното, според неа, обновување на сообраќајот низ стратешката Ормуска Теснина, а Џеј Ди Венс го повтори истото.
„Ако се вратите три месеци наназад, кога станува збор за нафтата и гасот што излегуваа низ Ормуската Теснина поради иранските закани, речиси немаше ништо. Сега речиси се вративме во состојбата пред конфликтот“, изјави американскиот потпретседател.
Претседателот Трамп тврди дека САД имаат голема контрола над Теснината.
„Пропуштаме по 30 до 40 бродови во текот на ноќта, уверуваше Доналд Трамп во интервју емитувано синоќа за британската конзервативна телевизија „Џу-Би њуз“.
Американското Министерство за енергетика во понеделникот спомена бројка од 17 милиони барели нафта што минале низ поморската рута, додека Доналд Трамп на „Трут соушл“ објави графикон кој покажува 18 милиони барели дневно – бројка која, според него, е блиску до предвоените 20 милиони.
Податоците на платформата за следење на поморскиот сообраќај „Кплер“ покажуваат дека сообраќајот за транспорт на суровини, вклучително горива и ѓубрива, се намалил на просечно десет бродови дневно по блокирањето на теснецот од Техеран на 1 март, во споредба со просечно 95 дневни преминувања во февруари.
Потпишувањето договор меѓу Вашингтон и Техеран во средината на јуни за мировни преговори овозможи привремено зголемување на сообраќајот на 36 бродови дневно, пред повторно да се намали на 15, во услови на обновување на судирите на 8 јули и 22 август.
Војната ја намали поддршката за претседателот Доналд Трамп и ги покачи цените на горивата, зголемувајќи ги влоговите за кандидатите на Републиканската партија кои се борат да ги задржат мнозинствата во двата дома на Конгресот на изборите што ќе се одржат во ноември
МИА
Ново на Сител
-

Возел мотор на едно тркало низ Штип: Полицијата го пронајде 16-годишникот по видео на социјалните мрежи
-

По 23 години пронајден легендарниот автомобил на Пол Вокер од „Брзи и бесни“ – бил скриен во гаража во Њујорк
-

Над 50 хектари зафатени од пожар во Дебрца, спречено ширење кон посеви со пченка и фотонапонска централа
-

Приведени двајца српски државјани, возеле со брзина од 169км/ч и 175км/ч на место каде дозволената брзина е 80км/ч
-

Финска деветта година по ред најсреќна земја во светот – достапно здравство и бесплатно образование без национални тестови
-

АХВ: Продолжуваат вонредните инспекциски контроли на зелените пазари
-

МВР со засилени контроли - приведени лица, откриени малолетници и незаконско приредување игри на среќа
-

Со изведување докази на одбраната продолжува судењето за „Пулс“
