Кошта: Односите меѓу партнери и сојузници треба да се градат со меѓусебно почитување

Европската Унија и САД се партнери и сојузници долго време и изградија трансатлантска заедница базирана на заеднички вредности и посветена на просперитетот и безбедноста на нашите народи, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта по завршувањето на неформалниот Самит на ЕУ во Брисел посветен на последните случувања во трансатлантските односи.
– Веруваме дека односите меѓу партнерите и сојузниците треба да се градат срдечно и со меѓусебно почитување. Европа и САД имаат заеднички интерес за безбедноста во Арктичкиот регион, особено преку соработката со НАТО. Европската Унија, исто така, ќе игра посилна улога во овој регион, истакна Кошта на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Кошта посочи дека Данска и Гренланд имаат целосна поддршка од Европската Унија и само тие може да решаваат за прашања што се однесуваат на нив.
– Ова е одраз на нашата цврста посветеност на принципите на меѓународното право, територијалниот интегритет и националниот суверенитет, кои се од суштинско значење за Европа и за меѓународната заедница како целина. Овие принципи ќе продолжат да го водат нашите активности, рече Кошта.
Фон дер Лајен, од своја страна оцени дека кога станува збор за Гренланд, позицијата е многу подобра отколку што беше пред 24 часа, при што ЕУ се однесуваше „на цврст, но не ескалирачки начин“, ангажирајќи се со САД на различни нивоа, но и подготвувајќи се да преземе трговски контрамерки и нецарински инструменти доколку беа воведени царини.
– Да резимираме, следевме четири клучни принципи. Цврстина, достапност, подготвеност и единство и тоа беше ефикасно. Во иднина, треба да го задржиме истиот пристап, истакна Фон дер Лајен.
Таа оцени дека ЕУ досега недоволно инвестирала во Арктикот и неговата безбедноста, па за да го надомести тоа ќе обезбеди дополнителни инвестиции во чиста енергија, ретки суровини и дигитална поврзаност на Гренланд, а со следната повеќегодишна буџетска рамка Унијата ќе ја удвоиме финансиската поддршка за островот.
– Покрај инвестициите, имаме намера да ја продлабочиме и соработката со САД и сите партнери за безбедноста на Арктикот. Особено, верувам дека треба да го искористиме нашиот пораст на трошоците за одбрана за опрема прилагодена за Арктикот и треба да ги зајакнеме нашите безбедносни и одбранбени аранжмани со партнери, како што се Велика Британија, Канада, Норвешка, Исланд и други. Ова стана вистинска геополитичка неопходност, рече Фон дер Лајен.
Според Кошта, најавата на американскиот претседател Доналд Трамп во средата во Давос дека САД нема да ги воведат санкциите кон осум европски земји со кои тој се закани во саботата, е позитивна за Европа.
– Воведувањето дополнителни царини би било некомпатибилно со трговскиот договор меѓу ЕУ и САД. Нашиот фокус сега мора да биде на продолжување на спроведувањето на тој договор. Целта останува ефективна стабилизација на трговските односи меѓу Европската Унија и САД. Во исто време, Европската Унија ќе продолжи да се залага за своите интереси и ќе се брани себеси, своите земји членки, своите граѓани и своите компании, од каква било форма на принуда. Таа има моќ и алатки за тоа и ќе го стори тоа доколку и кога е потребно, истакна Кошта.
Тој нагласи дека ЕУ останува подготвена да продолжи конструктивно да се ангажира со САД за сите прашања од заеднички интерес, вклучително и за создавање услови за праведен и траен мир во Украина.
Кошта се осврна и на Одборот за мир за Газа формиран од Трамп, истакнувајќи дека постојат „сериозни сомнежи“ за голем број елементи во Повелбата на ова тело поврзани со неговиот опсег, начинот на управување и компатибилноста со Повелбата на ОН.
– Подготвени сме да соработуваме со САД за спроведување на сеопфатниот мировен план за Газа, со Одбор за мир, кој ќе ја извршува својата мисија како преодна администрација, во согласност со Резолуцијата 2803 на Советот за безбедност на ОН, нагласи Кошта.
Тој додаде дека Европската Унија е фокусирана на спроведување амбициозна агенда за европските граѓани, за одбраната, конкурентноста и за изградбата на стратешки поавтономна Европа, па затоа следниот неформален Самит на ЕУ, предвиден за 12 февруари, ќе биде посветен на зајакнување на Единствениот европски пазар во новиот геоекономски контекст.
Инаку, лидерската средба, која заврши нешто по полноќ, започна со минута молк за жртвите од неодамнешните железнички несреќи во Шпанија.
Неформалните собири на ЕУ се заседанија на кои не се носат никакви одлуки, туку само се расправа и се разменуваат мислења за одредени прашања.
Поаѓајќи од овој факт, словачкиот премиер Роберт Фицо објави видео снимено во авионот додека лета кон Брисел, во кое оценува дека „веројатно ова ќе биде бесмислен Самит“.
Според Фицо, Кошта свикал итен состанок на европските лидери само „за да ја смири паниката кај некои земји членки“, на кој нема да донесат никакви одлуки.
– Едноставно супер скапа вечера во Брисел, вели Фицо во снимката.
Инаку, на менито на вечерата на Самитот биле школки во сос од ореви и кари, печен пилешки стек со пашканат и ванила и салата од јужно овошје зачинета со анасон и копар.
Ново на Сител
-

Извршени првите тренажни летови со „Ер тракторите“ на Дирекцијата за заштита и спасување
-

Во пораст бројот на заболени од рак на грлото на матката, најмладите пациентки се на 18 годишна возраст
-

Победи за Алкараз, Медведев и Сабаленка на Австралија опен
-

Ѓоковиќ го откажа тренингот во Мелбурн
-

Извлекување на двојките за ¼ финалето од фудбалскиот Куп
-

ЕХФ ЕУРО 2026: Хрватска – Исланд за старт на дуелите од група 2
-

Пожар кај Тутунски комбинат, зафатена автомеханичарска работилница | ВИДЕО
-

Уставниот суд на Бугарија ја потврди оставката на претседателот Румен Радев
