Кревко примирје меѓу САД и Иран
САД и Иран договорија примирје во следните две недели. Само еден час пред истекот на ултиматумот на Трамп кон Техеран – да прифати договор или да се соочи со уништување на цивилизацијата, американскиот претседател објави дека е постигнат договор со посредство на Пакистан – САД да запре со нападите, а Иран да го отвори Ормутскиот теснец. Трамп денеска пишува дека многу од точките за примирје се веќе договорени
САД ќе соработуваат тесно со Иран, за кој утврдивме дека поминал низ она што ќе биде многу продуктивна промена на режимот! Нема да има збогатување на ураниум, а САД, работејќи со Иран, ќе ја ископаат и отстранат целата длабоко закопана (бомбардери Б-2) нуклеарна „прашина“. Таа сега е, и била, под многу строг сателитски надзор (Вселенски сили!). Ништо не е допрено од датумот на нападот. Разговараме, и ќе разговараме, за олеснување на царините и санкциите со Иран, потврдува Трамп
Според најавите од Иран, двете држави во петок во главниот град на Пакистан седнуваат на заедничка маса во обид да изнајдат конечно решение. Помеѓу имињата кои ќе ги предводат делегации се споменуваат спикерот на Иранскиот парламент и американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс. Токму Венс денеска порача дека примирјето е кревко, а ако Иран се обиде да го прекрши ќе дознае дека Трамп воопшто не се шегува.
Ако Иранците се спремни со добра волја да соработуваат со нас, мислам дека можеме да постигнеме договор ако ќе лажат, ако ќе измамат, ако ќе се обидат да спречат дури и кревкото примирје што го воспоставивме да се случи, тогаш нема да бидат задоволни, бидејќи она што претседателот го покажа е дека сè уште имаме јасна воена, дипломатска и можеби најважно, имаме извонредна економска моќ. Затоа претседателот ни рече да не ги користиме тие алатки. Ни рече да дојдеме на преговарачката маса. Но, ако Иранците не го сторат истото, ќе откријат дека претседателот на Соединетите Американски Држави не е од оние со кои се шегува. Тој е нетрпелив. Тој е нетрпелив да постигне напредок.
Разговорите не сигнализираат крај на војната се пораките кои доаѓаат од Иран. Тамошните медиуми го објавија и списокот од 10 точки кои Иран ги поставува како услов за крај на војната.
Меѓу нив се гаранции дека Иран нема повторно да биде нападнат и прекин на израелските напади во Либан, укинување на сите санкции на САД кон Иран и на конфликтите против нивните сојузници, Иран повторно да го отвори Ормутскиот теснец но по под свои безбедносни правила и со наметнување патарина од 2 милиони долари за секој брод, приходните од патарините Иран ќе ги дели со Оман и ќе ги користи за реконструкција, а не за репарации.
Врховниот лидер Моџтаба Хамнеи веќе доби и безусловна поддршка од илјадници Иранци (изјава) „Тие не се посветени, но работите сега се променија. Сега Америка сфати дека Иран е суперсила. И ако не дејствуваат според договорот, ние дефинитивно ќе се справиме со нив на поинаков начин.“
Постигнатото примирје го поздравија европските челници Кошта, Фон дер Лајен и Калас и голем број европски лидери. Русија бара гаранции дека ваква криза нема да се повтори, Кина повикува што поскоро да се врати стабилноста во регионот и да се нормализира сообраќајот низ Ормутскиот теснец
-
Деспина Tодоровска
Сите содржини од овој новинар
