Кривични пријави за насилните девојчиња во Аеродром и за родителите – дали се потребни построги казни?
Кривични пријави за насилните девојчиња и за нивните родители најави МВР, откако јавноста беше згрозена од видеото на кое се гледа како две малолетнички тепаат 12 годишно девојче, а тоа клекнато на колена им се извинува. Во полициска станица биле повикани и неколку од децата кои навиваат и го поттикнуваат насилството. Немилиот настан вчера во полициска станиница го пријавила мајката на жртвата, а бил извршен и лекарски преглед на тепаното дете.
- МВР за овој како и за сите останати случаи ги презеде сите оние дејствија коишто се во рамки на негова надлежност, односно најпрвин постапи во насока на разговор со жртвата и нејзиниот родител, потоа беа повикани сите инволвирани во случајот, како оние што имаат преземено директно насилство врз жртвата, така и оние што беа сведоци на настанот, како и за оние кои го документираа, односно го снимаа настанот. Тие дечиња беа повикани и нивните родители. Беше известен јавен обвинител, беше утврдено од страна на надлежен лекар констатирани здравствени прегледи на жртвата и во текот на денешниот ден, во консултација со надлежен јавен обвинител за дел од тие што присуствувале на самиот настан ќе бидат поднесени кривични пријави против оној што исполнува законски услови за истото, но и против родителите, изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
Посериозен пристап и построги мерки на институциите кон врсничкото насилство за кое веќе е вклучен алармот поради се позачестените случаи бара и адвокатката Маја Ристова. Таа застапувала дете жртва на булинг во Штип, но вишото обвинителство ги ослободило од одговорност родителите на насилните девојчиња зошто не знаеле и не се согласувале со тепањето.
- Ние на хартија имаме закон кој што предвидел мерки, меѓутоа во пракса истиот не се применува. Како што кажав мерките се благи и треба конечно да се изречат мерки кои што имаат ефект, кои што ќе го намалат насилството. Овие насилници никогаш да не го сторат истото пак, меѓутоа треба да биде порака и до другите деца малолетници, да не го прават истото. Во спротивно институциите испраќаат порака родителите да не вршат грижа и надзор над детето затоа што нема да одговараат, затоа што законот ги ослободува од одговорност, изјави Маја Ристова, адвокат.
Денеска во јавноста се појави ново видео на кое се гледа како 14 годишно момче лежи облеано во крв во Ченто. Од МВР соопштија дека настанот бил пријавен пред 10 тина дена кога малолетник бил физички нападнат од три лица, од кои едното му нанело повреда со остар предмет и се преземале мерки за расчистување на случајот.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
