Македонија
10. April 2022 - 16:32

Кризен штаб утре, пред владината седница во вторник - ќе паднат ли рестриктивните мерки?

Утре по двонеделна пауза состанок треба да има Кризниот координативен штаб кој треба да се изјасни за препораките на Комисијата за заразни болести. Од нивниот заклучок ќе зависи дали на владина седница ќе паднат маските во затворен простор освен во аптеки, болници, старски домови и јавен превоз каде остануваат на сила, укинување на изолацијата за контакти како и одржување на училишни екскурзии. И додека неколку предлози чекаат зелено светло од Владата, епидемиологот Сашо Олумчев со прогноза - Мирно лето, Омикрон ќе стане ендемски вид и наредната година прогласување крај на пандемијата. Вели интерес за тестирање има само кај оние кои мора да одат на хируршки интервенции и продолжува трендот на опаѓање на бројките на новодијагностицирани.  

- Сега е време да го искористиме Омикрон во наша полза. Ќе има реинфекции има некои и по два три пати со инфекција, голем број од оние позитивните се со многу минорни симптоми така што време е да се отргнеме од рестриктивните мерки. Ќе имаме летни одмори тие ќе си тераат, наесен ќе видиме што може да се случи, еве има најави за поливалентни вакцини од Австрија така да со тоа ќе имаме и мирна есен и зима и очекувам овој сој да стане ендемски, изјави д-р Сашко Олумчев – епидемиолог.

Дали и која мерка ќе се најде на дневен ред за олабавување, од Комисијата за заразни болести велат ќе знаат во среда. Сепак, доктор Олумчев вели повеќе нема потреба од рестрикции на граничните премини особено за македонските граѓани при влез во земјата.

- Нема потреба за нашите граѓани да се бараат, за странските државјани да согласно протоколите кои се на сила додека не бидат променети, како што бараат и други земји за наши граѓани негативен ПЦР или сертификат, на пример Грција бара, вели Олумчев.

Последна препорака на Комисијата која стапи на сила е укинувањето на маските за учениците од 1 до 9-то одделение, но се уште е на сила носењето на маски за наставниците и останатите вработени во основните училишта.