Македонија
11. December 2020 - 19:52

Кризна состојба до крајот на јуни, предлогот го помина првиот собраниски филтер

Предлогот за воведување на кризна состојба за заштита на јавното здравје поради пандемијата од КОВИД 19 во трање од шест месеци го пројде комисискиот филтер во парламентот. Се очекува кризната состојба конечно да биде донесена на пленарната седница во понеделник.

Според предлогот, кризната состојба треба да трае од 18 декември до 30 јуни и всушност е продлжување на тековната едномесечна кризна состојба во која се вклучија повеќе инситтуции и армијата во заштита и првенцијата од корона вирусот.

На Комисијата за одбрана не беше прифатен предлогот на дел пратеници кризната состојба да трае пократко, односно до 31 март со цел да се има повеќе контрола за тоа како работи Кризниот штаб и дали мерките од кризната состојба даваат резултат.

Обрзаложението е дека ќе е потребно повеќе време за справување со болеста, а  дополнително во овој период ќе се спроведе и вакцинацијата од КОВИД 19 поради која ќе треба и поголема логистика.

„Со цел да се обезбеди континуитет во вршењето на активностите од страна на силите на Армијата и безбедносните сили, како и навремено, ефикасно, ефективно и координирано дејствување на сите надлежни институции заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на Пандемија, се бара од Собранието да ја донесе Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија...во времетраење до 30 јуни 2021 година“, пишува во предлогот за продложување на Кризната состојба

Имаше и предлози кризната состојба да се искорсти да се склучат договори со приватните лаборатории за бесплатни корона тестови.

Првиот извештај за тоа кои мерки се преземени и какви резултати дале во справувањето со КОВИД 19 од тековната кризна состојба пратениците ќе го добијат за една недела.