Куќа во Карпош продадена за 1,5 милиони евра, квадратен метар во Центар достигна 3.360 евра – највисоки цени во првото полугодие

Пазарот на недвижности во земјава во првата половина од 2026 година бележи умерен раст на активноста, со регистрирани 16.126 трансакции, што е за 2,2 отсто повеќе во однос на истиот период лани. Од нив, 11.395 се купопродажби, а 4.731 се закупи, при што вкупната вредност на купопродажбите достигнала 625,7 милиони евра, или 21,3 отсто повеќе од првата половина на 2025 година. Најголем удел во купопродажбите имаат становите и земјоделското земјиште и шумите, додека становите се и категорија со најголема вкупна вредност на реализираните трансакции.
Истовремено, просечните цени на становите во повеќе општини бележат раст, а вкупниот износ на месечните закупнини е зголемен за 29,4 отсто. Највисока постигната цена на стан по квадратен метар е регистрирана во Општина Центар и изнесува 206.640 денари, односно околу 3.360 евра за квадратен метар, за стан со вкупна површина од 50 квадратни метри и купопродажна цена од 168.000 евра, покажуваат податоците изнесени во Регистарот на цени и закупнини за пазарот на недвижности во првата половина на 2026 година.
Најголем број трансакции, односно купопродажби и закупи, е регистриран во април – 2.902, додека најмал број е евидентиран во јануари, со 2.246 трансакции.
Становите и земјоделското земјиште со најголем удел во купопродажбите
Во првото полугодие од 2026 година, во Регистарот на цени и закупнини се впишани 9.369 продажби на недвижности, 1.718 продажби од инвеститор, 281 откуп од Република Северна Македонија и 27 продажби на лицитација.
Најголем удел во вкупниот број купопродажби имаат становите, со 3.746 купопродажби, и земјоделското земјиште и шумите, со 3.703 купопродажби. Тие учествуваат со 32,9, односно 32,5 отсто во вкупниот број купопродажби. Следуваат куќите, со 1.424 купопродажби или 12,5 отсто, и градежното земјиште, со 1.366 купопродажби или 12 отсто. Овие четири категории заедно сочинуваат околу 89,9 отсто од сите купопродажби. Кај деловните простори се регистрирани 485 купопродажби, кај гаражите 354, кај останатите недвижности 282, а кај индустријата 35 купопродажби.
Вкупната вредност на купопродажбите на пазарот на недвижности во првата половина од 2026 година достигнала 625,7 милиони евра, што е зголемување за 109,7 милиони евра, односно за 21,3 отсто во однос на истиот период од 2025 година, кога изнесувала 516 милиони евра. Во однос на првата половина од 2024 година, кога вкупната вредност на купопродажбите изнесувала 446,9 милиони евра, растот е 40 отсто.
Најголема вредност на купопродажбите во првото полугодие од 2026 година е реализирана кај становите, со 289,1 милиони евра. Потоа следуваат куќите со 101 милион евра, деловните простори со 98,3 милиони евра и градежното земјиште со 52,6 милиони евра.
Кај земјоделското земјиште и шумите е регистрирана вредност од 39,9 милиони евра, кај индустријата 21,5 милиони евра, кај останатите недвижности 20,9 милиони евра, а кај гаражите 2,4 милиони евра.
Најзначително зголемување на вредноста на купопродажбите во однос на првата половина од 2025 година е забележано кај деловните простори, со раст од 80,7 отсто – од 54,4 на 98,3 милиони евра. Намалување на вредноста е забележано кај земјоделското земјиште и шумите, каде таа се намалила од 41,7 на 39,9 милиони евра, односно за околу 4,3 отсто.
Аеродром со највисока вредност на купопродажбите меѓу општините
Во првата половина од 2026 година, највисока вредност на купопродажбите меѓу општините опфатени во анализата е реализирана во Општина Аеродром, со 83,8 милиони евра, што претставува раст од 75 отсто во однос на истиот период од 2025 година. Следуваат Општина Центар, со 78,3 милиони евра и раст од 19 отсто, и Општина Карпош, со 62,8 милиони евра и раст од 11 отсто. Во Гази Баба се реализирани купопродажби во вредност од 53,6 милиони евра, што е зголемување од 75 отсто.
Најголем процентуален раст на вкупната вредност на купопродажбите е забележан во Гостивар, каде што вредноста пораснала за 81 отсто. Следуваат Куманово со раст од 77 отсто, Аеродром и Гази Баба со по 75 отсто и Бутел со 64 отсто.
Намалување на вкупната вредност на купопродажбите на пазарот на недвижности е регистрирано во Струга 24 отсто, Тетово 21 отсто, Струмица 17 отсто и Кисела Вода 16 отсто.
Највисока цена на стан од 206.640 денари за квадратен метар
Во првата половина од 2026 година, највисока постигната купопродажна цена на стан по квадратен метар е регистрирана во Општина Центар и изнесува 206.640 денари за квадратен метар. Станот, според податоците во извештајот, е со вкупна површина од 50 квадратни метри, од кои 46 квадратни метри се станбена површина и четири квадратни метри помошни површини. Вкупната купопродажна цена според нотарскиот акт изнесува 168.000 евра.
Највисока постигната купопродажна цена на куќа е регистрирана во Општина Карпош, со вкупна вредност од 1,5 милиони евра. Куќата се наоѓа на земјиште со површина од 1.731 квадратен метар, со објект од 575 квадратни метри.
Највисока купопродажна цена на деловен простор е евидентирана во Општина Аеродром, со вкупна вредност од 6.798.924 евра. Деловниот простор е со вкупна површина од 3.478 квадратни метри.
Просечната цена на становите од стара градба во првото полугодие од 2026 година била највисока во Центар – 1.547 евра за квадратен метар, потоа во Аеродром – 1.532 евра и Карпош – 1.523 евра. Кај становите од инвеститори, највисоки просечни цени се регистрирани во Центар – 1.712 евра, Карпош – 1.167 евра и Ѓорче Петров – 1.062 евра за квадратен метар. Најниски просечни цени се евидентирани во Струмица – 719 евра за квадратен метар кај старата градба и 689 евра кај становите од инвеститори.
Ново на Сител
-

ИПР бара трајно решение за кучињата скитници
-

Преглед на вестите од светот
-

Панел дискусија „Повеќе учество - повеќе демократија“
-

Teма на денот со Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини
-

Притвор за лице кое се заканувало на премиерот
-

Писмена гаранција од сопственикот на „Пулс“
-

Одложено судењето за полицајците од „Пулс“
-

Дизелот поевтин за 2 денари од полноќ, бензините покапи за 3,5
