Македонија
19. April 2020 - 14:16

Куманово, Прилеп и Тетово не се ставија во целосен карантин, донесени нови мерки за сузбивање на заразата

Задолжително носење на заштитна опрема од среда за сите кои излегуваат надвор од своите домови воведува Владата за Куманово, Тетово и Прилеп како најпогодени од корона вирусот. Граѓаните од овие три општини ќе мора да носат маска, шал или марама на јавен простор, но и во маркети, банки, продавници, болници. Дел од донации во заштитна опрема од овој тип Владата ги пренасочува во овие три града.
Владата препорачува граѓаните што помалку да излегуваат од своите домови. Советот е да се излегува само за одење на работа, а во набавката на продукти потребни за живот да излегува само еден член од семејството. Контролата на терен ќе биде засилена, преку засилени полициски патроли, а ќе се користат и мегафони од полициските возила за подобро информирање и почитување на мерките. 
Донесена и е забрана за  организиран превоз за влез во и од Куманово, Тетово и Прилеп, освен за полиција, војска, противпожарни екипи, медицински возила, како и организиран превоз од компаниите за вработените до работните места.
Прилепскиот градоначаланик вели дека маски ќе има за сите бидејќи почнале бесплатно да се делат уште во петокот.
Јованоски верува дека прилепчани ќе ги почитуваат новите правила, а доказ за тоа било што на Велики петок излегувале во многу мал број.
Сите јавни претпријатија и подрчани единици на државната управа или општината во Куманово треба да ги редуцираат своите капацитети и да воведат посебни мерки за заштита. Државна поддршка ќе добие и Кризниот штаб во Куманово имајќи предвид дека дел од членовите и градоначалникот се позитивни на Ковид-19 и се во изолција.
Владата донесе мерки кои ќе се однесуваат и на целата територија. Кривично ќе се одговара за групирање на повеќе од пет лица, а ќе има и казни ако не се одржува растојание од најмалку два метра.
Министерството за здравство треба пак, да изготви план кога и како да се воведе задолжително носење на заштитна опрема на целата територија на државата.