Балкан
24. November 2026 - 10:12

Лажел дека има леукемија и собрал речиси 190.000 евра донации – уапсен 20-годишник во Косово

Дваесетгодишен маж од Косово е уапсен под сомнение дека лажно се претставувал како тешко болен од леукемија и на тој начин собрал речиси 190.000 евра хуманитарни донации од граѓани.

Станува збор за Ендрит Аземи, кој, според косовските власти, организирал кампања за собирање средства за наводно лекување од акутна леукемија, користејќи фалсификувана медицинска документација од болница во Истанбул.

Според информациите од истрагата, во периодот од 9 до 21 ноември биле собрани вкупно околу 189.206 евра. Од нив, повеќе од 162.000 евра биле донирани преку интернет-платформа, додека над 26.000 евра биле собрани преку хуманитарни активности.

Случајот предизвикал големо внимание во Косово, особено поради големиот број граѓани кои донирале пари верувајќи дека му помагаат на млад човек во борбата со тешка болест.

Осомничениот бил уапсен на 21 ноември, а Основниот суд во Гњилане му одредил притвор во траење од 30 дена.

Надлежните институции ги блокирале идентификуваните банкарски сметки во Косово, додека во Германија е започната постапка за враќање на дел од средствата собрани преку платформата GoFundMe.

Истрагата продолжува, а надлежните органи работат на утврдување на сите околности поврзани со наводната измама.