Македонија
5. April 2023 - 16:32

Лажна УЈП бара податоци за вашите сметки на смс порака - Измамени 4 лица

4 граѓани пријавиле дека биле измамени преку лажната страна на Управата за јавни приходи. Се работи за класичен фишинг за кој алармираше УЈП. Измамници преку лажна веб страна крадат лични податоци и банкарски картички од граѓаните преку линк од страната која им ја испраќаат на СМС. Граѓаните добиле порака со линк од лажната страна на УЈП каде се бара задолжително да извршат пријава. Лажниот сајт е легално регистриран со мк домеин,  гласи на име Јован Трајановски од населба Аеродром а внесен е и телефонски број на кој никој не се јавува.

Овој веб сајт го има логото на Управата, адресата се разликува во само една црта од официјалната на УЈП. Кога ќе ја кликнете страната излегува  табела за лични податоци кои треба да се внесат а веќе со следниот чекор се крадат и податоците за платежната картица. Измамниците оделе до таму  што преку оваа регистрација бараат да се внесе и лична карта сликана од двете страни. Случајот го пријавила директорката на УЈП која за Сител вели дозначе уште во понеделникот. Нејасно е како овој сајт е се уште активен. Ова е втор пат за два месеци да се соочат со ваква измама и апелираа до граѓаните да не наседнуваат

Од МАРНЕТ за Сител велат дека веќе се постапува за деактивирање на овој сајт, но тој се уште е активен. Според нив, сајтот е впишан преку некој од регистарите но не открија кој. Велат дека е нејасно и допрва ќе треба да се истражува зошто регистарот не ја проверил веродостојноста на овој домеин пред да го впише.

Од МВР преку сооппштение информираа за големата измама и апелираа да не се отвараат овие пораки. Засега нема информација дали е пронајден основачот на овој веб сајт. Секторот за компјутерски криминал го истражува случајот, за кој се уште не е известено обвинителството.

Останува нејасно како регистаторот на домеин се согласил да регистрира адреса која е речиси иста со онаа на УЈП без да биде свесен за можните злоупотреби.

Инаку во исто време, граѓани пријавиле дека им пристигнала порака од директорот на БЈБ Сашо Тасевски кој наводно во соработка со Европол ги инфомира за сторени разни кривични дела .Примачот на пораката се повикува да го контактира директорот преку линкот во пораката наводно  за да добие  објаснување за кривичното дело. МВР апелира граѓаните да не реагираат на ваквите пораки бидејќи целта е да да ги споделат своите лични податоци.