Македонија
5. November 2016 - 17:03

Лекарите очекуваат подобар квалитет во здраствениот систем со најавените реконструкции

Подобри услови и за пациентите и за медицинскиот кадар. Најавената реконструкција на Клиниката за инфективни болести ќе го подигне квалитетот во лекувањето на повисоко ниво, смета првиот човек на здравствената установа професорот Звонко Миленковиќ.

- Секако дека ќе има големи ефекти врз условите, примарно кои се обезбедуваат за нашите пациенти, знаете дека инфективната патологија она што го наложува како исклучиво еднокреветни и двокреветни простории, во кои што пациентите треба да имаат висок степен на изолација и во нормално стандардно постапување, а камо ли во ситуациите во кои што потребите за просторно дистанцирање помеѓу пациентите се уште поригорозни, односно уште по строги. Секако дека реконструкцијата ќе пружи соодветни подобрени услови, ние имаме дел на кои што се однесува на превенција на интрахоспитални инфекции, а сознанијата поврзани со истите датираат од понова дата, што значи дека тоа се некои архитектонски зафати кои што ќе бидат составен дел на ваквата реконструкција, изјави проф.д-р Звонко Миленковиќ, директор на Клиниката за инфективни болести.

Коплетно ќе биде реконструирано и инфективно одделение во Клиниката болница во Битола за која исто така беше највено дека темелно ќе биде реновирана. Вкупната инвестиција во оваа болница ќе изнесува 580 милиони денари.

- Новата инвестиција значи, продолжува реконструкцијата, после завршувањето на првата фаза, во која се опфатени менување на кровна реконструкција, надворешна доградба и енергетска фасада. Втората фаза предвидува внатрешна реконструкција, која подразбира промена на сите дотраени одводи- доводи, како на мокри чворови, енергетика, парно греење, лифтови. Во таа втора фаза опфатена е и зградата од инфективно, така да за една година се надевам на комплетно нова болница. Во неа ќе бидат освен заштедата од енергетската ефикасност заради фасадата, драстично подобрени условите за престој на пациентите и на вработените во клиничка болница Битола, изјави д-р Василие Најдовски, директор на Клиничката болница во Битола.

Освен овие две здравствени установи вчера претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, како дел од проектите на партијата за наредните 4 години најави и комплетна  реконструкција и на ГОБ 8 септември, психијатриската болница во Демир Хисар и болницата во Кичиво. Исто така ќе биде проширена и реновирана и Клиниката за онкологија.  Со што ќе се подигне квалитетот во лекувањето на пациентите со малигни заболувања.

- Тоа значи воведување на нови содржини за лекување и третман на лицата со малигни заболувања, од што корист ќе има и медицинскиот кадар, и пред сè пациентите. Оваа инвестиција ќе изнесува 20 милиони денари. Ова е инвестиција што ќе овозможи корист за една поголема категорија пациенти, имајќи предвид дека на годишно ниво минатата година на оваа Клиника се реализирани 77.000 здравствени услуги вклучувајќи хистопатолошки услуги, лабораториски, биохемиски услуги, болнички третмани итн. Воедно со оваа инвестиција ќе се зголеми болничкиот капацитет на Клиниката за над 60 места, рече Никола Груевски, претседател на ВМРО ДПМНЕ.

Груевски потсети дека во завршна фаза е реконструкцијата на болницата во Прилеп, а во тек се градежни работи во болниците во Струмица, свети Еразмо во Охрид. Неодамна беше најавено и распишувањето тедерот за изградба на Клиничкиот центар во Скопје, а веќе се гради тој во Штип.