Македонија
12. May 2016 - 19:34

Лицата со хендикеп секојдневно се соочуваат со дискриминација – Полиоплус организираше работилница за подигнување на свеста

Жител на Делчево со хендикеп не можел да излезе од домот и да се движи по тротоар, зошто просторот не бил адаптиран за инвалидска количка. Подолг период барал надлежните да го решат проблемот, но немало никаква реакција. Решил да ја тужи општината и го добил случајот. Локалната власт била задолжена да му овозможи пристап до улица. Сега се изградени тротоар и рабници и без ничија помош може да се движи со количката. Ова е само еден од случаите на дискриминација со кој речиси секојдневно се соочуваат лицата со хендикеп.

- Најчесто ја препознаваат дискриминацијата во областа на вработувањето, но преку разговори може да видиме дека тие се соочуваат со дискриминација во секојдневниот живот и во сите области, вклучувајќи го образованието кое е еден од најзначајните елементи за наше вклучување на еднаква основа со останатите граѓани,изјави Елена Кочоска од Полио плус движење против хендикеп.

Полио плус заедно со здружението на млади правници преку работилница ги запознаваше лицата со хендикеп кои се најефективните механизми за заштита од дискриминација  и каде може да се обратат за помош и подршка.

- Лицата со хендикеп доколку почувствуваат одредена форма на притисок или вознемирување треба да се обратат до организациите, кои понатаму заедно со останатите институции кои работат на полето на заштита од дискриминација можат да покренат одредена акција во заштита на нивните права, додаде Кочоска од Полио плус.

-  Околу механизмите за заштита од дискриминација постои Комисија за заштита од дискриминација, Народниот правобранител и судовите, кои досега се најефективен механизам. За тоа дека постои утврдена дискриминација во Основниот суд во Делчево, на лице со телесна попреченост, каде што општината била должна да изгради тротоар и рабници. изјави Јасна Аранѓеловиќ Оровчанец, од македонското здружение на млади правници

Работилницата која ја организираше „Полио плус“ заедно со Македонското здружение на млади правници е по повод неделата на европското движење за независно живеење и достоинство на граѓаните со хендикеп.