Лидерите на партиите во ЕП бараат конкретна и опиплива поддршка од ЕУ за Гренланд и Данска

Европскиот парламент стои цврсто во поддршка на мултилатерализмот и меѓународниот поредок заснован на правила и секој обид за поткопување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Данска и Гренланд го смета за кршење на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации, се наведува во заедничката изјава на Конференцијата на претседатели на ЕП.
- Европскиот парламент ги повикува Европската комисија и Европскиот совет да дефинираат конкретна и опиплива поддршка за Гренланд и Данска, почитувајќи ги принципите и правото на ЕУ, меѓународното право и Повелбата на НАТО, се додава во изјавата на Конференцијата на претседатели, што ја сочинуваат претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола и лидерите на осумте пратенички групи во ЕП.
Првите луѓе на групите во Европскиот парламент нагласуваат дека „недвосмислено ги осудуваат изјавите“ дадени од Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со Гренланд, кои претставуваат „очигледен предизвик за меѓународното право, за принципите на Повелбата на ОН и за суверенитетот и територијалниот интегритет на сојузник на НАТО“.
- Ваквите изјави се неприфатливи и немаат место во односите меѓу демократските партнери, се нагласува во изјавата изададена по синоќешниот состанок на Конференцијата на претседатели на кој присуствуваше и високата претставничка на ЕУ за недворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
Во изјавата се додава дека безбедноста на Арктикот е стратешки приоритет за Европската Унија и Европарламентот е цврсто посветени на нејзина заштита.
- Арктичката стратегија на ЕУ оди подалеку од обични безбедносни грижи и нашата посветеност да го зајакнеме одржливиот развој и соработката со граѓаните на регионот е непоколеблива. Кралството Данска, вклучувајќи го и Гренланд, е членка на НАТО и е целосно покриена со колективните безбедносни гаранции на Алијансата. Европскиот парламент ќе продолжи да ги зајакнува европските одбранбени капацитети и да обезбеди земјите членки на ЕУ да ги почитуваат своите обврски кон НАТО, вклучително и преку одржливи инвестиции во одбраната и силно присуство во арктичкиот регион, посочуваат лидерите на ЕП.
Тие додаваат дека безбедноста на Арктикот е гарантирана во рамките на НАТО, а Данска има договори со клучните партнери, вклучувајќи ги и САД, за заштита на регионот.
- Одлуките што се однесуваат на Данска и Гренланд им припаѓаат само на Данска и Гренланд, во согласност со релевантните уставни аранжмани и договори меѓу Данска и Гренланд, се вели во изјавата.
Во неа се потсетува дека во 1916 година, САД преку договор со Данска го потврдија целосниот дански суверенитет над Гренланд.
- Со овој договор, САД признаа дека целиот Гренланд со право претставува данска територија. Надворешните обиди за промена на статусот кво се неприфатливи, се додава во изјавата на Конференцијата на претседателите на ЕП.
МИА
Ново на Сител
-

Шји Џјинпинг ќе ја посети Северна Кореја првпат по 2019 година
-

ФФМ одговори на Шкендија: Нема повеќе како досега, правилата важат за сите без исклучоци
-

Угостителски услуги во мај на годишно ниво поскапи за 2,6 отсто
-

Француско-германски нон пејпер предлага постепена интеграција на Западен Балкан во ЕУ пред полноправното членство
-

Рокас: Заложбите од 2022 година треба да се спроведат, се надевам на контруктивност од соседите и ЕУ во наредните месеци
-

Со изведување материјални докази продолжува судењето против 13 полицајци за пожарот во „Пулс“
-

Во август излегува албум на Принс со досега неиздадени песни
-

Николоски: Набавуваме нови 49 возила и опрема за одржување на хигиената низ општините, најголема поддршка од Владата досега
