Лидерите на Западен Балкан ќе се сретнат во Драч на самитот на иницијативата „Брдо-Бриони“

Лидерите на земјите од Западен Балкан, меѓу кои и македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, денеска ќе се сретнат во Драч на самитот на иницијативата „Брдо-Бриони“.
Во фокусот на состанокот ќе бидат европската перспектива на Западен Балкан, Планот на ЕУ за раст на регионот, младинската политика и одливот на мозоци, како и регионалната соработка и безбедност.
Процесот „Брдо-Бриони“ е заедничка словенечко-хрватска иницијатива започната во 2013 година, а нејзини членови се Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија.
Самитот во Драч го организираат претседателите на Словенија и Хрватска, Наташа Пирц Мусар и Зоран Милановиќ, а домаќин е претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
На состанокот во Албанија ќе учествуваат и црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ, косовската претседателка Вјоса Османи и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Иницијативата „Брдо-Бриони“ има за цел да поттикне меѓусебна соработка и да ги олесни напорите на земјите од регионот на нивниот пат кон ЕУ.
- Годинешниот состанок ќе се одржи под мотото „Заеднички интереси, заедничка посветеност кон заедничка иднина: заедно кон ЕУ“. Заедно со прашањето за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, ќе се фокусираат и на зајакнување на регионалната соработка, објавија организаторите.
Словенија на самитот во Драч уште еднаш ќе нагласи дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е најефикасната геополитичка алатка за обезбедување стабилност, мир и безбедност во регионот.
Учесниците на самитот ќе обрнат посебно внимание на спроведувањето на планот на ЕУ за економски раст на Западен Балкан, што им овозможува на земјите од регионот постепено да се интегрираат во ЕУ и носи конкретни придобивки за нивните граѓани. За таа цел, ЕУ воспостави финансиски инструмент за периодот 2024-2027 година вреден шест милијарди евра.
Се очекува Северна Македонија да добие над 750 милиони евра од Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан до крајот на 2027 година, Косово 880 милиони, Албанија 920 милиони, Србија над 1,5 милијарди евра, Црна Гора 380 милиони и Босна и Херцеговина околу 900 милиони евра, откако Европската комисија им ги намали средствата за десет проценти поради доцнења во планот.
Состаноците во рамките на иницијативата „Брдо-Бриони“ се одржуваат секоја година од 2013 година. Минатата година се одржа во Црна Гора, каде што лидерите во заедничка изјава ја нагласија важноста на добрососедските односи и регионалната соработка и се обврзаа на понатамошни реформи, зајакнување на стратешкиот дијалог со ЕУ и спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан.
МИА
Ново на Сител
-

Поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини, ќе се брани од слобода, прифатена гаранција од над 1,15 милион евра
-

Охрид го задржа статусот на светско културно наследство, УНЕСКО даде нов рок за спроведување на препораките
-

Зошто младите луѓе низ целиот свет имаат тешкотии да ја добијат својата прва плата?
-

Вашингтон воведува нови царински маржи за 60 држави, реакции од ЕУ, Австралија, Нов Зеланд
-

Украински напад врз магацин во Санкт Петерсбург, предизвикан голем пожар
-

САД и ноќеска извршија напади врз цели во Иран, Техеран соопшти за експлозии во повеќе региони
-

Почна трката за генерален секретар на ОН, шест кандидати дебатираа пред Генералното собрание
-

Арагчи: Опасен преседан најавите на Трамп за користење запленети ирански средства
