Лидерите на Западен Балкан ќе се сретнат во Драч на самитот на иницијативата „Брдо-Бриони“

Лидерите на земјите од Западен Балкан, меѓу кои и македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, денеска ќе се сретнат во Драч на самитот на иницијативата „Брдо-Бриони“.
Во фокусот на состанокот ќе бидат европската перспектива на Западен Балкан, Планот на ЕУ за раст на регионот, младинската политика и одливот на мозоци, како и регионалната соработка и безбедност.
Процесот „Брдо-Бриони“ е заедничка словенечко-хрватска иницијатива започната во 2013 година, а нејзини членови се Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија.
Самитот во Драч го организираат претседателите на Словенија и Хрватска, Наташа Пирц Мусар и Зоран Милановиќ, а домаќин е претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
На состанокот во Албанија ќе учествуваат и црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ, косовската претседателка Вјоса Османи и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Иницијативата „Брдо-Бриони“ има за цел да поттикне меѓусебна соработка и да ги олесни напорите на земјите од регионот на нивниот пат кон ЕУ.
- Годинешниот состанок ќе се одржи под мотото „Заеднички интереси, заедничка посветеност кон заедничка иднина: заедно кон ЕУ“. Заедно со прашањето за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, ќе се фокусираат и на зајакнување на регионалната соработка, објавија организаторите.
Словенија на самитот во Драч уште еднаш ќе нагласи дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е најефикасната геополитичка алатка за обезбедување стабилност, мир и безбедност во регионот.
Учесниците на самитот ќе обрнат посебно внимание на спроведувањето на планот на ЕУ за економски раст на Западен Балкан, што им овозможува на земјите од регионот постепено да се интегрираат во ЕУ и носи конкретни придобивки за нивните граѓани. За таа цел, ЕУ воспостави финансиски инструмент за периодот 2024-2027 година вреден шест милијарди евра.
Се очекува Северна Македонија да добие над 750 милиони евра од Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан до крајот на 2027 година, Косово 880 милиони, Албанија 920 милиони, Србија над 1,5 милијарди евра, Црна Гора 380 милиони и Босна и Херцеговина околу 900 милиони евра, откако Европската комисија им ги намали средствата за десет проценти поради доцнења во планот.
Состаноците во рамките на иницијативата „Брдо-Бриони“ се одржуваат секоја година од 2013 година. Минатата година се одржа во Црна Гора, каде што лидерите во заедничка изјава ја нагласија важноста на добрососедските односи и регионалната соработка и се обврзаа на понатамошни реформи, зајакнување на стратешкиот дијалог со ЕУ и спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан.
МИА
Ново на Сител
-

Приведени две лица од Кавадарци, при преглед и претрес пронајдени дрога и пари
-

До недела претежно облачно со дожд и снег, од понеделник стабилно и студено
-

Уапсен 27-годишен кумановец баран за издржување казна затвор од 2 години
-

Вучиќ најави штрајк со глад: „Ќе им забранам на лекарите да ми пружат помош, нема враќање назад“
-

Невидена гејмерска манија: ГТА VI одиграна 683 милиони часа за само четири дена од 39 милиони играчи на PlayStation 5
-

19-годишниот леопард Пан Баобао престар за диета – „Нека биде стар, дебел и среќен“, одлучија од зоолошката градина
-

Реал е првиот тим што избори плејоф во Лигата на шампионите
-

Почина гитаристот на „Дјуран дјуран“, Енди Тејлор
