Македонија
22. July 2025 - 16:41

Линеарното зголемување на пензиите денеска на владина седница

Владата на денешната седница ќе го разгледа предлог-законот со кој пензиите, место процентуално, ќе се зголемат линеарно по 1.000 денари наесен и следната пролет. Премиерот Мицкоски очекува измените да бидат изгласани пред да бидат распишани локалните избори.

„Очекуваме линеарно зголемување на пензиите. Тоа го бараат практично пензионерите од Владата. Тој процент согласно закон, којшто треба да се зголеми, да биде линеарно распределен на сите корисници на пензии. Ние тој глас го слушнавме како Влада. Денеска, на седница на Владата, би требало предлог-законското решение да помине и веднаш потоа да биде испратено до парламентот. Очекувам парламентот, пред распишување на локалните избори, да тоа го изгласа позитивно“ – Христијан Мицкоски, премиер

По двете линеарни покачувања од по 2.500 денари, во септември лани и март годинава, следното зголемување требаше да биде процентуално. Ако се одеше според тој модел, пензионерите со најниска пензија од 18.200 денари ќе добиеја 700 денари плус. Оние, пак, кои земаат највисока пензија од околу 88 илјади ќе требаше да добијат 3 и пол илјади денари покачување. Со линеарното, сите ќе добијат исто.

Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери вели дека линеарното усогласување е индиција за потребата од темелни реформи на пензискиот систем. 

„Постои работна група којашто работи на реформи во пензискиот систем. Верувам дека тие реформи се на целокупниот пензиски систем, разгледувајќи ги сите права и карактеристики на пензискиот систем, меѓу кои и институтот усогласување на пензиите и верувам дека таа работна група ќе предложи законски решенија коишто ќе бидат во интерес на сегашните и идните пензионери“ – Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери

Фискалниот совет лани во декември достави мислење до собранието со кое побара во 2026 година да се помести старосната граница за одење до пензија на 67 години и за мажи и за жени. Образложението на советот беше дека буџетската дупка во Фондот за пензиско е голема, а линеарните зголемувања ќе придонесат Фондот на долг период да не биде одржлив.

Пратениците го одбија ваквиот предлог.