Лозарите во неизвесност, вранецот без сигурен пласман
Гроздоберот е во полн ек, но наместо сигурен пласман, дел од лозарите се соочуваат со неизвесност. Најголем проблем во моментов е откупот на вранецот. Иако пред почетокот на бербата беше најавена цена од 21 и пол денари за килограм, сега нема сигурност дали и по која цена грозјето ќе биде преземено. Од Асоцијацијата на земјоделци предупредуваат дека ситуацијата е особено сериозна за лозарите со поголемо производство.
- Оваа година приносите се како ланските, родот ќе биде со добар квалитет, меѓутоа со откупот не знаеме како ќе се одвива работата. Нешто винариите, вранецот конкретно, не сакаат да го откупуваат или не сакаат да го откупуваат по таа цена, која што ја најави пред месец дена министерот. Оваа година рекоа дека цената ќе биде околу 21 и пол денар, меѓутоа винариите се жалат дека имаат заостанато од ланска година, дека им се полни визбите и подрумите, изјави Гоце Серафимов, потпретседател на Асоцијација на земјоделци.
Помалите лозари ќе варат ракија и вино, но поголемите излезот го бараат во извозот на македонското грозје.
- Се надеваме дека нешто ќе се мрдне од оваа точка, затоа што бевме на некој состанок пред 10 дена со министерот, имаше некоја најава дека ќе разговара со Србија и ако може да се извезе за Србија, додаде Серафимов.
Додека за вранецот се бара решение, кај другата сорта ситуацијата засега е поинаква. Лозарите не очекуваат проблеми со пласманот на смедеревката.
- Смедеревката е со пониска цена, таа оди околу 19 денари. Смедеревката е повеќе барана и мислам дека ќе биде откупена без проблем, изјави Серафимов.
Времето за решение е ограничено, бидејќи со секој поминат ден се намалува просторот за маневрирање и за лозарите и за откупувачите.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
