Ракомет
3. December 2015 - 19:41

ЛШ: Потребна е победа над Колдинг

Македонскиот ракометен првак Вардар в сабота во 17:30 часот против Колдинг го игра последниот дуел во Лигата на шампионите во 2015 година. Тренерот Раул Гонзалес на денешната прес-конференција констатира дека во тимот има доста повредени играчи, но нагласи дека победата и бодовите за Вардар имаат исклучително значење.

- Играме со Колдинг, за нас ќе биде многу важен натпревар, ни требаат овие два бода ако сакаме да бидеме второ место на крај во оваа група. Сега имаме многу притисок, треба да напаѓаме подобро, зашто  Колдинг има многу добра одбрана. Секогаш користат контра-напад и затоа треба да бидеме безгрешни во нападот. Имаме многу проблеми со повредени играчи. Попладне ќе тренираме па ќе видиме кој ќе може да игра. Карачиќ нема тренирано 10 дена, Македа исто е повреден, Шишкарев имаше температура и Брумен и Тоскиќ имаат проблем, ама ќе видиме попладне. Мора да бидеме подготвени и мора да победиме, изјави Раул.

Капитенот Филип Лазаров предупреди дека Колдинг игра во одлична форма, така беше во Барселона, така беше во Кјелце и сигурно така ќе биде и во Скопје.

- Не очекува натпревар со Колдинг, натпревар на кој треба да се вратиме на победите во ЛШ по три порази што несреќни, што заслужени. Малку заостануваме на табелата и затоа ни требаат овие бодови за да се одржиме горе на што повисоко место. Со Колдинг нема да биде лесно прво затоа што имаме повредени играчи во нашиот тим, второ поради се подобрите игри на Колдинг. Водеа со Барселона со 8:1, во Кјелце водеа до пет минути до крајот, има неколку одлични партии и затоа максимално сериозно треба да пристапиме за да го завршиме со победа овој есенски дел од сезоната, истакна Лазаров.