Македонија
26. March 2026 - 19:51

М-НАВ поднесе кривична пријава против синдикалецот Тасевски

Претседателот на Синдикатот на контролори на летање доби кривична пријава. Според адвокатот на Македонска навигација, Тасевски како вработен користел пет дена за синдикални активности, но наместо на состаноци, тој заминал на приватен одмор. Деновите му биле платени исто како да е на работа, па со тоа ја злоупотребил службената должност и направил штета од околу 1.100 евра.

- Господинот во својство на претседател, на овластено службено лице, дало изјава дека ќе користи службени платени денови за остварување на синдикални активности. Лицето заминало на приватен годишен одмор со својата партнерка. Јас не сум го видел, забележан е на Кипар од страна на новинар, поднесена е пријавата, добиено известувањето и на база на тоа е постапено. Направил материјална штета од околу 70.000 денари – кажа Горан Николовски, адвокат на М-НАВ.

Тасевски вели тврдењата не се точни, а целта била да се направи раздор меѓу синдикалците. Најави дека ќе поднесе тужба за клевета.

- Не е тоа вистина. Очигледно ги фаќа нервоза бидејќи не им се исполнуваат целите како што замислиле дека ќе го растурат синдикатот. Ова е само начин да се обидат да направат некој немир меѓу членството меѓутоа не им успева. Ние со било која власт ги имаме истите проблеми. Кога се во опозиција сме им омилени, затоа што сакаат да користат борби против тогашните позиции, а кога ќе дојдат на позиција не им одговараат нашите ставови – изјави Александар Тасевски, претседател на Синдикатот на контролори на летање.

Ова доаѓа во период кога Граѓанскиот суд повторно го забрани штрајкот на синдикатот кој беше најавен за крајот на октомври. Адвокатот на М-НАВ рече дека забраната е поради отсуство на конкретни барања од работен однос, не била спроведена постапка за помирување и дека синдикатот како подружница не можел самостојно да организира штрајк.

Претходно, Апелација оцени дека првичната забрана била донесена без да се сослушаат аргументите на синдикатот, па предметот го врати на повторно одлучување.

Сега, по новата одлука на Граѓански, предметот пак е во повисокиот суд, бидејќи синдикатот се жали дека нивните сведоци не биле сослушани, а и доказите не биле разгледани. Најавија и претставка до судскиот совет.