Македонија ги одбележува двата Илиндена - најзначајни настани за македонската државност

Македонија денеска ги одбележува двата Илиндена - 123 години од Илинденското востание и Крушевската Република и 82 години од Првото заседание на АСНОМ, два најзначајни настани за македонската државност.
Централниот настан традиционално ќе се одржи во Крушево, каде ќе се обрати потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски. Одбележувањето ќе почне со положување цвеќе на гробот на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев и на споменикот на хероите на месноста „Слива“, по што ќе се одржи панихида во храмот „Св. Никола“.
Следува голем народен собир на „Мечкин Камен“, каде ќе има церемонија на положување свежо цвеќе на Споменикот на бранителите на Крушевската Република, интонирање на химната и обраќање на потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, по што следува културно уметничка програма, со настап на НУ „Танец“.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова годинава ќе се обрати на свеченоста организирана во Скопје пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов - Ченто на плоштадот Македонија. Таа ќе положи цвеќе пред спомениците на Никола Карев, АСНОМ и Методија Андонов-Ченто.
Одбележувањето на 81-годишнината од Првото заседание на АСНОМ ќе се одржи во Меморијалниот центар во Пелинце каде ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски.
Традиционално, како и секоја година, на 2 Август во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во потпелистерското село Трново ќе се одржи традиционалната 55. Светска македонска иселеничка средба и 46. Погранична дредба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.
Годинава се одбележуваат 123 година од Илинденското востание и 82 години од Првото заседание на АСНОМ.
Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател. Слободната Република траела десет дена. Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево, а последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули го означиле и крајот на Крушевската Република.
Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово, 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамки на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.
Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.
MИА
Ново на Сител
-

Андоновски: Компаниите електронски можат да поднесат барање за издавање уверение од кривична евиденција од основните судови
-

Маж од Скопје загина откако врз него паднало дрво при нелегална сеча во струшко
-

Уапсен 15-годишник кој возел камион без возачка дозвола
-

Осум повредени во верижна сообраќајка помеѓу четири возила кај Битола
-

АХВ: Бугарија ги засили официјалните контроли при увоз на свежо овошје и зеленчук
-

Белорусинка пронајдена мртва во хотел во Охрид
-

Две девојки скокнале од такси во движење во тетовско, возачот не ги однел на бараната локација
-

МНРиНТ: Тврдењата за постоење таен договор или тајни преговори се само уште една во низата измислици на СДСМ
