Loading Video...
Македонија
27. March 2026 - 21:04

Македонија ќе биде меѓу најпогодените од војната на Блискиот Исток, вели ЕБОР

Македонија е меѓу земјите што најмногу ќе бидат погодени од војната на Блискиот Исток. Според анализата на Европската банка за обнова и развој, земјава влегува во групата заедно со Либан, Јордан, Ирак и Турција, а подолу на листата се и Црна Гора и Србија.

Увозно зависните земји кои имаат ограничен буџет да ги ублажат ценовните шокови се најранливи, што значи дека товарот полесно се префрла врз граѓаните и компаниите.

Ефектите од оваа криза може да се видат во неколку насоки – повисоки сметки за струја и горива, поскапување на храната, но и забавување на економскиот раст.

Како што пишува во извештајот, иако засега нафтата е поевтина отколку во 2022 година, проблемот е што на краток рок побарувачката е „крута“ – односно не може лесно да се намали.

- Цените би можеле да достигнат 180 американски долари по барел, доколку нафтата од Заливот остане во голема мера надвор од пазарот. На долг рок, како што високите цени ја намалуваат побарувачката и поттикнуваат понуда на други места, цените на нафтата би можеле да се стабилизираат околу 100 долари – пишуваат од ЕБОР.

Според проценките на ЕБОР, ако цената на нафтата подолго време остане над 100 долари, глобалниот економски раст ќе се намали за најмалку 0,4 процентни поени, а инфлацијата ќе порасне за повеќе од 1,5 проценти. 

Но, затворањето на Ормутскиот теснец не прави проблем само за транспорт на нафтата. 

- Цените на ѓубривата, исто така, можат значително да пораснат. Околу 25-35% од светската трговија со суровини за ѓубрива поминува низ Ормутскиот теснец. Повисоките цени на ѓубривата обично се пренесуваат во повисоки цени на основните прехранбени производи – велат од ЕБОР.

Паралелно, се јавуваат и проблеми во индустријата. Земјите од Заливот се важни снабдувачи на алуминиум, пластика, сулфур и хелиум. Нарушувањата во трговијата може да доведат до нивен недостиг и поскапување, што дополнително ги зголемува трошоците за компаниите, пишува во извештајот. 

- И да престане војната денес, ќе треба време да се обнови инфаструктурата. Недостатокот на гориво кое ќе се случи за 10 дена во Азија, ќе се одрази врз сите економии. Ќе нема керозин за авиопревозот. Да не зборувам за храната, за вештачките ѓубрива. Се ќе поскапи -  изјави Виктор Мизо, претседател на Совет на странски инвеститори. 

- Факт е дека имаме голема криза, без разлика дали ќе заврши оваа криза утре или ќе трае, ќе ни треба време за опоравување од 5 до 6 месеци, ако заврши утре. Затоа тоа го гледаме како опасност или голем проблем што може да биде – вели Раби Седрак, директор на институтот за меѓународни стратегиски и безбедносни студии

Дополнителен проблем е што резервите на гас во Европската Унија се пониски од вообичаено, вели ЕБОР. Тоа значи дека и ако конфликтот брзо заврши, цените може да останат покачени, бидејќи земјите ќе се обидуваат да ги обноват резервите, а производството на гас бара време за да се нормализира. 

Според ЕБОР, колку ќе биде силен ударот, зависи од времетраењето на конфликтот и штетите врз енергетската инфраструктура.