Македонија не е мизерна и нема да пропадне ако не влезе во ЕУ, кажа хрватскиот претседател Милановиќ
Спорот меѓу Македонија и Бугарија е внатрешно политичко прашање кое треба да го надминат меѓусебно, рече хрватскиот претседател Милановиќ на заедничка-прес конференција со неговиот бугарски колега Радев, кој е во официјална посета на Хрватска. Милановиќ оцени дека суштината е што сака Македонија и додаде дека „доколку не сака да попушти, нема да пропадне ако не влезе во Европската Унија“. Една држава е мизерна ако мисли дека не може да функционира надвор од ЕУ, а Македонија не е мизерна, вели тој.
„Пред неколку години јас застанав на македонска страна, но помина доста време, се променија влади и тоа мора да го решат меѓусебно. Очигледно се работи за интимен политички простор и на Бугарите и на Бугарија и на Македонците. Јас веќе нема себе да се доведувам во ситуација да жалам некого затоа што не може да влезе во ЕУ бидејќи постои живот и надвор од ЕУ“ - Зоран Милановиќ, претседател на Хрватска
Радев, пак, кажа дека Бугарија се уште чека уставни измени. Рече дека нема да постават никакви нови услови надвор од веќе договорените, но инсистираат сè што е договорено да се почитува.
„Бугарија не ја стопира Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ, туку РСМ самата се стопира, затоа што сè уште не сака целосно да ги исполни Копенхашките критериуми за членство, поврзани со недискриминација и човековите права“, напиша Радев на ФБ.
Хрватскиот претседател Милановиќ при посетата во Скопје во мај годинава рече дека „Македонија не треба да биде жртва на никакви притисоци и да трпи изнуди за да стане членка на Унијата и дека премногу се слушаат туѓи насоки како Македонија да го оди европскиот пат“.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар