Македонија
5. September 2026 - 16:29

Македонија под висок ризик за пожари: И ноќеска скопјани спиеја со затворени прозорци поради пожарот во Ѓорче Петров

Целата територија на државата е под висок ризик од пожари. Поради високите температури, постои сериозна опасност огнот да избувне во кој било дел од земјата и со разорна брзина да се прошири.

Денеска активни се пет пожари, додека други шест се држат под контрола. Најопасно е жариштето во општина Ѓорче Петров, каде што пожарот што се прошири од косовска територија ги заGуши скопјани. Доцна синоќа, силниот ветер придонесе чадот и миризбата од пожарот да се почувствуваат во секој дел од главниот град, принудувајќи ги граѓаните да спијат со затворени прозорци.

На терен се мобилизирани максимални сили, а се интервенира и од воздух и од земја.

„Уште е активен и од косовска и од македонска страна. Во текот на вчерашниот ден пожарот се приближи кон село Грачани и беше сопрен пред првите куќи, благодарение на скопските пожарникари и огнените тимови на ДЗС. Овој пожар денеска се движи во насока на Никиштане, но таму се распоредени доволен број скопски пожарникари“, изјави Стојанче Ангелов.

Жителите сведочат за стравот што го преживеале ноќеска, кога огнената стихија опасно се доближи до нивните домови. Покрај скопскиот регион, голема опасност претставува и пожарот во Струга, на границата до Дебар, каде што гори ниска вегетација и мешана шума. Истовремено, пожарникарите водат секојдневна битка со стихиите и во Куманово, Маврово и Ростуше, Македонски Брод, Кратово и Делчево.

Надлежните власти излегоа со загрижувачки податок дека најголемиот дел од пожарите и оваа сезона се подметнати. Во меѓувреме, полицијата лиши од слобода уште еден сторител.

„На 4 септември 2026 година во 16:30 часот, на локалниот пат меѓу струшките села Заграчани и Долна Белица, уапсен е 85-годишниот А.М. од Заграчани. Тој претходно, кај месноста „Лок“, подметнал и предизвикал пожар на отворен простор со нискостеблеста вегетација. За среќа, повредени лица нема, а интервенирала Територијалната противпожарна единица од Струга. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, стои во полицискиот билтен.

Прогнозите на УХМР воопшто не им одат во прилог на пожарникарите. И во текот на идната седмица се очекуваат нови високи температури и висок индекс на опасност од појава на нови пожари, поради што надлежните апелираат на максимална претпазливост и итно прекинување на човечкиот фактор кој ја поттикнува оваа еколошка катастрофа.