Loading Video...
Свет
15. January 2026 - 16:29

Македонија се уште нема позиција за Гренланд, европски воени трупи пристигнуваат на островот

Откако САД, Данска и Гренланд не успеаја да се договорат околу иднината на островот на синоќешната средба во Вашингтон, денеска започна воена мисија на Гренланд. Првите војници веќе пристигнаа, дански авион со војници слета на островот, а во текот на денот се очекува доаѓање и на германски и француски сили.

Во наредните денови воен персонал ќе распоредат и Шведска, Велика Британија и Норвешка. Станува збор за извидувачка мисија и заеднички воени вежби, кои според најавите, треба да ја зајакнат безбедноста во арктичкиот регион.

Иако договор не беше постигнат околу иднината на Гренланд и како што изјавија официјалните претставници дека се договориле да се договорат, Американскиот претседател Трамп, сепак и понатаму тврди дека Гренланд е клучен за безбедноста на САД. Како причина ги наведува, зголеменото присуство на руски и кинески бродови, но и плановите за изградба на систем за ракетна одбрана.

Во меѓувреме, од Белата куќа беше објавена и карикатура со политичка порака. На неа се прикажани две патеки, едната води кон стабилен и светол предел со американски симболи, а другата кон мрачен и немирен пејзаж поврзан со Русија и Кина. Пораката што се испраќа е дека жителите на Гренланд треба да изберат на која страна ќе застанат.

Русија остро реагираше на најавеното распоредување на НАТО сили. Од Москва оценуваат дека станува збор за непотребно подигање на тензиите и милитаризација на Северот. Руската амбасада во Брисел тврди дека приказните за руска закана се изговор и дека во регионот со години не е забележано присуство на руски или кинески подморници.

Додека Европската унија отворено застанува зад Данска, а САД покажуваат интерес да го преземат островот, Македонија засега останува без јасна позиција. Прашањето е дали ќе се приклони кон ставовите на Европската унија, кон која тежнее како идна членка, или кон САД, свој долгогодишен стратешки партнер. Министерот за надворешни работи порача дека е неопходен дијалог со двете страни.

Уште од неговиот прв мандат, Трамп постојано изразува желба да го купи Гренланд. И Гренланд и Данска јасно ставија до знаење дека островот не се продава. Белата куќа минатата недела соопшти дека Трамп не ја исклучува ниту употребата на сила. 

Гренланд, најголемиот остров во светот, е самоуправна територија во рамките на Кралството Данска, додека Данска ја задржува надлежноста врз одбраната и надворешната политика. Соединетите Држави имаат воена база на островот.