Македонија со јасна енергетска трансформација и конкретни резултати – силна порака од ЈЕСКО во Берлин

Енергетската трансформација не е план за иднината, туку процес што веќе дава резултати порача македонската делегација на состанокот на Германско-македонскиот заеднички економски управен комитет (JESCO), кој се одржа во Сојузното министерство за економски работи и енергетика на Сојузна Република Германија.
Во рамки на официјалната делегација, од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини учествуваше државниот секретар Горан Јовановски, кој имаше свое обраќање во кое говореше за енергетската политика, декарбонизацијата, инвестицискиот развој и сигурноста на снабдувањето во Македонија.
Во своето излагање, како што се наведува во соопштението од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Јовановски потенцирал дека земјата спроведува одлучна енергетска политика заснована на два клучни приоритета – забрзана декарбонизација и сигурно, стабилно снабдување со енергија. Со донесувањето на новиот Закон за енергетика во мај 2025 година, државата воспостави модерен, транспарентен и целосно усогласен систем со европските стандарди, кој обезбедува предвидливост за инвеститорите и крај на пазарната неизвесност.
- Државата повеќе не го следи пазарот – таа го креира неговиот правец- нагласил Јовановски, посочувајќи дека со воведувањето на системско планирање и годишни планови за нови енергетски капацитети и складирање, развојот станува координиран, предвидлив и стратешки насочен.
Тој истакнал дека веќе е во тек силен инвестициски циклус во обновливи извори и складирање на енергија, што резултира со зголемено домашно производство, намалена зависност од увоз и зајакната енергетска независност. Паралелно, се инвестира во модернизација на електроенергетската мрежа и развој на паметни и балансирачки капацитети како основа за зелена транзиција.
Дополнително, како што се додава во соопштението, новиот Закон за обновливи извори на енергија, кој е во завршна фаза, ќе овозможи побрза реализација на инвестициите преку поедноставени процедури и поголема транспарентност, со јасна цел – повеќе обновлива енергија, помалку фосилни горива и намалени емисии.
Во рамки на дискусиите, била потенцирана и важноста на Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025–2030, кој содржи 61 конкретна мерка за декарбонизација, енергетска ефикасност, реформа на пазарот и зголемена безбедност на снабдувањето.
Јовановски истакнал дека енергетската сигурност останува врвен приоритет, преку диверзификација на изворите, нови интерконекции и засилена регионална интеграција, нагласувајќи дека „енергетската стабилност не е само економско, туку и прашање на национална безбедност“.
Состанокот на ЈЕСКО, кој започнал со работна сесија и размена на економски анализи и перспективи меѓу двете земји, овозможил директен дијалог со стопанските комори, бизнис-заедницата и експертските тимови, со фокус на инвестициската клима и заедничките стратешки приоритети.
- Македонија останува цврсто посветена на својот европски пат, со јасна ориентација кон целосно усогласување со ЕУ стандардите во енергетиката и климатските политики – преку конкретни реформи, транспарентна имплементација и мерливи резултати, се наведува во соопштението.
МИА
Ново на Сител
-

„Си-Ен-Ен“: Според нецелосните проценки на Пентагон, војната против Иран досега чини околу 25 милијарди долари
-

Искршени врати, компјутери, смарт табли - Вандализирано ОУ „Ванчо Прќе“ во Штип, над 1.100 ученици нема да имаат настава
-

Вандализам е причината за немање на настава во најголемото штипско училиште „Ванчо Прќе“
-

Астероид именуван по папата Лав XIII
-

Трамп се сретна во Белата куќа со астронаутите на НАСА од мисијата „Артемис II“
-

„Репортери без граници“: Слободата на медиумите во светот на ниво најниско во последните 25 години
-

Најстудено на Попова Шапка - два степени, најтопло во Струмица - 12 степени
-

Цената на нафтата расте, во моментов на највисоко ниво од 2022
