„Македонска ослободителна мисла 1893-1991“- непрекината 100 годишна идеја за создавање држава
Македонската ослободителна мисла 1893-1991 година беше насловот на трибината која се одржа во Прилеп, а чија цел беше да го прикаже 100 годишниот континуитет на борбата за формирање на слободна и независна држава.
Според историчарите за прв пат оваа револуционерна искра е забележана уште на Берлинскиот мировен договор во 1878 година, кога се ревидира Санстефанска Бугарија, а во истата година се одржува и Македонското или Кресненско востание. А потоа 1893 година се формира и МРО.
„Оваа Организација од своето создавање, па се до нејзиното прекинување во 1908 година претставува еден широк народноослободителен фронт, во себе ќе акумулира различни идејни опции, но за сите именскиот содржател е Македонија на Македонците и создавање на една македонска држава врз основа на национални опции. Тоа го има низ документите на Организацијата“, изјави Наташа Котлар, историчар.
„Суштината е дека во период од речиси 100 години континуирано, непрекинато постои една идеја која што е јасно формулирана, јасно изразена и која што на крајот во 1991 година завршува со самостојноста на народот, кој и покрај сите тие долгогодишни и повеќедецениски борби завршува со еден демократски процес и референдум за создавање на демократска држава“, кажа Александар Василески, директор на Институт за старо словенска култура.
Прилеп и тоа како зазема место во тоа делот на идеолозите на Македонското револуционерно движење, како Ѓорче Петров, Пере Тошев, Петар Ацев и многу други.
„Пере Тошев е во врвната петорка на Македонското револуционерно движење, иако поради неговата интровертна природа не стигнал до тоа ниво на препознатливост, како што стигнале Гоце Делчев, Ѓорче Петров и останатите револуционери. Но Пере Тошев е духот, совеста на Македонската револуционерна организација“, истакна роф. д-р Славчо Ковилоски, Институт за македонска литература.
Беше потенцирано и тоа дека јазикот има огромна важност во градењето на македонската национа свест. И токму преродбенските процеси биле тие кои го поттикнуваaт создавањето на револуционерното движење и борбата за независна држава.
„Овие културни процеси на некој начин им претходат и на револуционерните движења, всушност тие процеси овозможуваат многу побрзо да созрее националната свест, бидејќи културните дејци токму работејќи на јазикот, работејќи со традицијата, со културата, всушност побрзо ја согледуваат различноста на македонскиот јазик“, рече Проф. д-р Лилјана Гушевска, Институт за национална историја.
Трибината е дел од т.н. „Приказна за градот херој“ или одбележувањето 11 октомри, преку 23 октомври, се 3 ноември Денот на ослободувањето на Прилеп.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар
