Македонска собраниска делегација ќе учествува на 152. Собрание на Интерпарламентарната унија во Истанбул

Делегација од македонското Собрание, предводена од собранискиот претседател Африм Гаши, ќе учествува на 152. Собрание на Интерпарламентарната унија, што ќе се одржи од 15 до 19 април 2026 година во Истанбул, Република Турција. Главна тема на генералната дебата е „Негување надеж, консолидирање на мирот и обезбедување правда за идните генерации“. Домаќин на настанот е Големото турско национално собрание.
Во собраниската делегација, покрај Гаши, кој е шеф на делегацијата во Интерпарламентарната унија (ИПУ), се и Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Беким Ќоку, Бобан Карапејовски, Арбана Пашоли и Јована Мојсоска, како членови, и Марина Димовска, генерален секретар на Собранието.
- Главна тема на генералната дебата е „Негување надеж, консолидирање на мирот и обезбедување правда за идните генерации“. На 152. Собрание ќе заседаваат сите статутарни тела на ИПУ вклучувајќи ги Управниот совет, четирите постојани комисии, Форумот на жени пратенички, Форумот на млади пратеници, Комитетот за човекови права на пратениците и др. Во рамките на генералната дебата ќе се одржи и посебен сегмент за отчетност во врска со спроведувањето на резолуциите и одлуките на ИПУ, а се очекува Собранието да усвои завршен документ за главната тема за дебата, соопштуваат од собраниската прес-служба.
Исто така, се очекува усвојување резолуции предложени од две комисии. Постојаната комисија за мир и меѓународна безбедност ќе дискутира за улогата на парламентите во воспоставувањето цврсти механизми за постконфликтно управување и во обновувањето праведен и траен мир. Постојаната комисија за одржлив развој ќе разгледува прашања поврзани со градењето праведна и одржлива глобална економија, со акцент на борбата против протекционизмот, намалувањето на тарифите и спречувањето на одбегнувањето на корпоративниот данок.
Едно од најзначајните прашања на ова Собрание е изборот на генерален секретар на ИПУ, кој ќе го замени досегашниот генерален секретар Мартин Чунгонг, чиј трет и последен мандат истекува на 30 јуни 2026 година. Во потесниот избор се пет кандидати од разни региони на светот. На Собранието исто така ќе биде усвоена и новата стратегија на ИПУ за периодот 2027 - 2032 година.
- Оваа година се одбележува 50-годишнината од формирањето на Комитетот на ИПУ за човекови права на парламентарците, кој претставува единствен меѓународен механизам, посветен исклучиво на заштитата на правата на парламентарците во светот. Во рамките на Собранието ќе се одржи и заседание на Здружението на генералните секретари на парламентите, како и работилници и дополнителни настани во врска со зајакнувањето на правата на лицата со попреченост, меѓурелигискиот дијалог, климатските промени и сл. - се вели во соопштението од македонското Собрание.
Интерпарламентарната унија е светска организација на парламентите. Основана е 1889 година како прва мултилатерална политичка организација во светот со цел поттикнување на соработката и дијалогот меѓу нациите. Денес, ИПУ брои 183 национални парламенти и 15 меѓународни парламентарни собранија и ги промовира мирот, демократијата и одржливиот развој. Собранието на Република Северна Македонија е активен член на оваа организација и редовно учествува во нејзините активности.
МИА
Ново на Сител
-

Шефот на белгиската дипломатија Максим Прево од денеска во официјална посета на земјава
-

Сиљановска-Давкова постхумно ќе го одликува Анастас Коцарев со Орден „Илинден - 1903 година“
-

Судскиот совет ќе разгледува барање за повторување постапка по пресуда на ЕСЧП
-

Најмалку 11 повредени во пожар во Тирана
-

Трамп изјави дека војната во Иран е „многу блиску до крајот“
-

Продолжува штрајкот на персоналот на Луфтханза
-

Облачно со повремен локален дожд, температура до 23 степени
-

Трамп: Во следните два дена се можни преговори со Иран
