Македонија

Манчевски со два филма истовремено по светските фестивали - „Сестра, брат и шахта“ во Белград, а „Добри луѓе“ во Торино

Белградската публика на популарниот „Фестивал на авторски филм“ синоќа со овации ја поздрави европската премиера на најновиот филм на Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“.

Бројни љубители на делото на Манчевски останаа пред влезот затоа што салата беше распродадена, гледачи седеа и на подот, а во публиката беа и македонскиот амбасадор во Србија, Никола Тупанчески, директорот на фестивалот Срдан Голубовиќ, режисерите Срѓан Драгојевиќ, Дарко Бајиќ и Недељко Ковачиќ..., соопштија од тимот на Манчевски. Публиката дишеше со филмот, гласно реагираше на комичните и емотивни сцени, а на крајот ги поздрави Манчевски, актерите Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Ана Костовска и Марин Гавриловски, продуцентот Јане Ќортошев, копродуцентот Милан Стојановиќ, како и филмските работници од Србија, кои учествуваа во снимањето на филмот во Македонија.

По премиерата Манчевски и екипата одговараа на прашања пред емотивната публика, а претходно имаа и долга прес - конференција, како и десетина интервјуа за српските медиуми.

Во среда, пак, во Торино ќе се случи италијанската премиера на долгометражниот документарен филм „Добри луѓе“, кој Манчевски го сними за трагедијата во Кочани. Филмот се прикажува во официјалната програма вон конкуренција, а директорот на фестивалот Џулио Базе на прес - конференцијата со која ја најави годинашнава програма го нарече „најемотивен филм на годинашното издание на фестивалот“.

Филмскиот фестивал во Торино важи за втор најважен фестивал во Италија, после Венецијанскиот. „Добри луѓе“ е финансиран приватно од Манчевски и сите приходи одат за настраданите во Кочани.

„Сестра, брат и шахта“ овој месец триумфираше на фестивалот во Токио, освојувајќи ја главната награда Гран При на Токио. Со тоа овој филм стана прв македонски лауреат што освои главна награда на фестивал од А категорија после „Пред дождот“ во 1994 и втор филм во историјата на Македонија, победник на фестивал од А категорија.

Минатата недела „Сестра, брат и шахта“ доживеа успех и на фестивалот во Каиро, каде што беше прикажан во официјалната програма, вон конкуренција, а Манчевски учествуваше во долг разговор со публиката и даде десетици интервјуа за локалните и светски медиуми.

Бројни меѓународни критики и рецензии го нарекуваат филмот „потресен“, „самоуверен“, „остра социјална опсервација“, „ексцентричен“, „прекрасно изработен“, „игрив“, „непредвидлив, со љубов изработен, чиста радост“, „потресна и пресмешна ода за двајца аутсајдери“, „духовит и искрен“, „вознемирува и опчинува“, „врвна глума“...

„Сестра, брат и шахта“ е комедија за богати и сиромашни, една лута сатира, ама и суптилна психолошка студија за брат и сестра, кои живеат надвор од тековите на општеството. Филм за антихерои кој, во неповторливиот стил на Милчо Манчевски, си поигрува со жанровските класификации, мамејќи и солзи и смеа. Иако се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.

Ова е негов деветти долгометражен филм, а осми игран филм, снимен во иста година со документарецот „Добри луѓе“. Ова е редок куриозитет во светската кинематографија – автор да се појави во иста година со два филма пред меѓународната публика.

Освен Агенцијата за филм, филмот го помогнаа и националните филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија, како и повеќе македонски компании и културни институции.

Главните улоги ги играат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Симона Спировска, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски. Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е Стефано Фаливене од Италија. Монтажер на филмот е Благоја Неделковски, а автор на музиката Игор Василев Новоградска. Кастинг директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, а шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев.

Филмот се снимаше со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје. Копродуценти се Гала филм од Бугарија, Сенс продакшн од Србија, Амаркорд продакшн и Аугустус колор од Италија, Беркли медиа груп од Англија и Тирана филм институт од Албанија.

MИА

Ново на Сител