Loading Video...
Македонија
17. September 2026 - 16:37

Марта Кос со порака до Бугарија: Откако Македонија ќе го смени Уставот, сметаме на ваша поддршка

Оваа есен ќе биде есен на проширување на ЕУ, вели еврокомесарката Марта Кос во интервју за бугарската БНТ.

По вчерашните најави на Фон дер Лајен, еврокомесарката за проширување денеска појаснува дека патоказите за најнапредните земји во процесот на пристапување во ЕУ се однесуваат на Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија.

„Да, оваа есен ќе биде есен на проширување. Станува збор за две главни насоки. Многу сум среќна што го зајакнуваме процесот на проширување. Во својот говор, претседателот на ЕК објави дека подготвуваме мапи за земјите што се најнапредни во преговорите. Знаете, Црна Гора е најблиску до пристапување, а за Албанија, Молдавија и Украина ќе презентираме мапи за пат во кои ќе ги испланираме сите можни технички чекори до крајот на нашиот мандат. Сега имаме две земји од Западен Балкан кои се најнапредни на патот кон ЕУ. Ова може да ги мотивира и другите земји, како што се Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово, со кои сè уште не сме започнале преговори, да одат напред, а не да одат назад како Србија“ вели Кос.

За Македонија и натаму услов останува внесувањето на Бугарите во Уставот, вели Кос. Таа сепак испрати порака и до Бугарија – откако Македонија ќе ја исполни оваа превземена обврска, сметаме и на ваша поддршка. 

„Би била многу среќна ако го искористиме овој момент на проширување и за Северна Македонија. Верувам во новата бугарска влада, со која соработувам многу добро. Сите ние заедно ќе најдеме начин да го движиме процесот напред со Северна Македонија. Секако, владата во Северна Македонија мора да го одржи своето ветување. Тие мора да го променат својот устав, ова е договорено меѓу Северна Македонија и 27-те земји-членки на ЕУ. Откако ќе се направи ова, ќе сметам на поддршката и од вашата земја, за да продолжиме напред и со Северна Македонија“ рече Кос .

Пораките на Кос доаѓаат пред најавената балканска турнеја на шефицата на ЕК Фон дер Лајен, најавена на почетокот на следниот месец, во рамки на која ќе ја посети и Македонија. Посета која евроамабсадорот во земјава Рокас ја оцени како одлучувачки чекор кон започнување на пристапните преговори со Европската Унија.