Матичните лекари го почнаа тридневниот протест - Примаат само итни случаи
Празни чекални и ординации. Ваква беше сликата во поликлиниката Чаир каде има амбуланти од примарна заштита под концесија. Матичните го почнаа тридневниот протест на работните места. Нема прегледи и пропишување на терапија туку само прием на итни случаи. Велат дека имаат поддршка од пациентите и најголем број од нив лековите за хроничните болести ги земале минатата недела.
-Немаме никакви реакции од пациентите. 80 % од нашите барања се во интерес на пациентите а само мал дел за лекарите, односно само покачувањето на капитацијата. Еве на пример, едно од барањата во интерес на пациентите е извештаите за хорнична терапија да бидат неограничени, а не на 3 или 6 месеци и пациентите да не мора да одат постојано кај специјалистот, вели Мевлудин Куч – матичен лекар.
Од Здружението на приватни лекари се уште немаат одлучено што после среда кога завршува тридневниот протест. Министерот за здравство не се согласи со протестот и побара решавање на проблемите на маса. Од друга страна, матични велат дека со години ги имаат истите барања, но досега освен што се смениле неколку министри се друго е исто.
-Јас немам баш добро искуство досега. Ова ми е седми министер и барањата ни се исти само можеби со мали корекции, но ништо не е мрднато од место и нема решение, вели др. Куч.
Поголема капитација за матичните и пациенти на ПЗУ а не кај лекарот се едни од главните барања на ЗПЛРМ. Протестот не доби поддршка од здружението на лекари по општа и семејна медицина кои реагираат дека поголем фокус бил ставен на повозрасните отколку на младите доктори.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
